ЕВРОПА - БАЛКАН
Го нема Силајџиќ, тука е Додик
Иван Торов
Еврокомесарот Филе се надева дека првиот чекор на новите власти во БиХ ќе биде создавање функционална и ефикасна држава, „која ќе зборува со еден глас“
БЕЛГРАД - Српските официјални лица деновиве не го криеја задоволството што на неодамнешните избори во БиХ бошњачкиот кандидат Харис Силајџиќ не е повторно избран за член на Претседателството на БиХ. Тоа, би се рекло, е дури поголемо од задоволството поради (очекуваниот) триумф на својот пулен Милорад Додик во трката за местото претседател на Република Српска, кого во самиот предизборен финиш на митинзите во РС без какви било оградувања го поддржаа претседателот на Србија, Борис Тадиќ, неговиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, и незаобиколната вдовица на Аркан, турбофолк-ѕвездата Цеца Ражњатовиќ. Уште да се случеше (а не се случи) наместо (во Белград) непопуларниот хрватски член на колективното претседателство на БиХ, Жељко Комшиќ, да биде избран некој од таборот на „пријателскиот“ и „партнерскиот“ ХДЗ БиХ на Драган Човиќ, Србија, несомнено, би била во можност да соопшти дека сите нејзини зацртани стратегиски (изборни) цели во „соседството“ се остварени.
Така, ветеранот на српската политика, Драгољуб Миќуновиќ, во својство на претседател на парламентарниот Одбор за надворешна политика, вели дека со заминувањето на Силајџиќ од босанската владејачка сцена се отстранети пречките да се зајакнат врските меѓу Србија и БиХ, што досега беше речиси невозможно поради „однесувањето и милитантната реторика“ на Силајџиќ. Ќе биде, значи, полесно да се „комуницира“ со Бакир Изетбеговиќ (синот на Алија, првиот претседател на БиХ), кој го замени Силајџиќ. А за официјален Белград да манифестира како, по изборите, е подготвен на „подобра и поконструктивна“ соработка и со Сараево, пред посетата на американската државна секретарка Хилари Клинтон на Србија, го ослободи од белградскиот затвор Илија Јуришиќ, кој во прв степен е осуден на 12 години робија поради „злосторство над тузланската колона“. Токму робијата на Јуришиќ, како и апсењето на Ејуп Ганиќ во Лондон по потерница од Србија, беше камен на сопнување поради што во повеќе наврати е одложувана (на крајот и откажана) посетата на Силјаџиќ на Белград. Дали тоа е и навестување дека српскиот државен врв е подготвен донекаде да ја ревидира досегашната, многумина велат, лицемерна политика кон БиХ (залагање за целосност на БиХ со истовремено енергично поддржување на мисијата на Додик за релативизирање и омаловажување на заедничката држава), останува да се види. Засега е сигурно дека Клинтон му пренела на Тадиќ дека ако ја сака американската благонаклонетост на патот на Србија кон ЕУ, мора да влијае врз смирувањето на тензиите околу Босна. Што значи, некако да се заузди Додиковата „антибосанска“ политика.
Нешто слично, само неколку дена по изборите, на домаќините во Сараево им порача и комесарот на ЕУ за проширување, Штефан Филе. Тој, имено, се надева дека првиот чекор на новите власти во БиХ, кои се' уште не се конституирани, бидејќи на конечните резултати на изборите се' уште се чека, ќе биде создавање функционална и ефикасна држава, „која ќе зборува со еден глас“. Сите, како што и прилега, убаво го сослушаа, на сите им беа полни устите со евроинтеграција на Босна, но секој имаше некое „свое видување“ на патот кон Европската унија. Така, српскиот член на Претседателството на БиХ, Небојша Радмановиќ, порачува дека нема да има напредок се' додека не се укине меѓународниот протекторат на БиХ, додека Жељко Комшиќ е оптимист, бидејќи смета дека дебатата за евентуално нов уставен поредок на БиХ ќе започне штом ќе се формираат новите заеднички власти. Меѓутоа, никому не му беше доволно јасно кога и дали воопшто ќе се создаде некаква коалиција на ниво на централна држава, ако, да кажеме, изостане поенергичен притисок однадвор.
И веќе самиот тој разговор на Филе, кој е воден во атмосфера на постизборно цементирање на етничката поделба на Босна, всушност, дава одговор на прашањето дали тоа посакувано „едногласие“ е можно. Речиси сите поугледни политички аналитичари сметаат дека по изборите светлото во мрачниот босански тунел е уште послабо отколку што беше, од проста причина што етничките табори се посилни од досега, а тоа повторно води кон племенско уредување на кое не се гледа никаква демократска алтернатива. Имено, ќе биде голем успех ако националните поглавици воопшто и се договорат околу формирање на централните власти што, секако, може да се случи не толку поради некаква грижа за судбината на БиХ, колку поради амбицијата да се создаде механизам со кој полесно, побрзо и поефикасно еден посакуван босански глас ќе се преточи во три самостојни и меѓусебно крајно конфронтирани национални гласа.
Ако се суди според првите реакции на лидерите на националните партии, формулата за „босанскиот уставен поредок“ би изгледала од приближно вака: Драган Човиќ, лидерот на ХДЗ во БиХ, најавува нови избори за две години, односно веднаш штом со уставните промени и босанските Хрвати добијат свој национален ентитет и се одвојат од Бошњаците. Во него Човиќ ги гледа Посавина, Жепча, средишна Босна и Херцеговина, главен град ќе биде Мостар. Неговиот најдоверлив партнер и сојузник, воедно и најубедливиот победник на изборите, идниот претседател на РС, Милорад Додик, повторно порачува: БиХ е можна или како сојуз на три републики или нема да ја има. Со таа флоскула потсети на ултиматумот на својот идол Слободан Милошевиќ, кој во времето на почетокот на распадот на поранешна Југославија постојано повторуваше дека „Србија ќе биде цела или ќе ја нема“. Додик уште порачува: Република Српска е трајна, одговарајќи им со тоа на бошњачките кр��тичари кои агонијата на Босна и Херцеговина ја припишуваат на „злосторничката геноцидна творба“ Република Српска и обидот на српско-хрватските лидери Бошњаците да ги истуркаат во мало „национално гето“, но и на територијалните претензии на Србија. |