Туристите и' свртија грб на Грција
И покрај интересот на холивудските ѕвезди за летување и купување имот во Грција, вкупниот туристички биланс е дебакл
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
АТИНА - Се шушка дека Мадона сака да купи куќа на Кефалонија, а Армани фрлил око на имот на приватниот остров на Оназис, Скорпиос. За имот во Грција размислуваат и Владимир Путин, Михаил Шумахер, кој има фрлено пик на островот Елафонисос, како и актерот Брус Вилис. Наводно, Вилис би сакал да купи куќа на северен Крф, дел од островот познат и како грчко Монако, бидејќи голем дел од островот припаѓа на банкарот Натаниел Ротшилд. Грчкото Монако летно време ги удомува Ротшилд и голем дел од неговите славни пријатели, меѓу кои и принцот Чарлс и неговото семејство.
Покрај Ротшил��, свој мал рај на грчките острови имаат и Анџелина Џоли и Бред Пит, кои купија годинава куќа на Санторини, со можност наскоро да го имаат во соседството и Џек Николсон. Во зајдисонцето на островот Антипарос, на Кикладите, уживаат Том Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон, Емир Кустурица одмора на Сфинос, Опра е видена на Крф, а Џулија Робертс и нејзиниот филмски партнер Ричард Гир се дружат на имотите на Патмос.
Но, ни холивудските ѕвезди кои имаат или планираат да купат имот, па трошат на големо по островите, не успеаја годинава да му го одржат сјајот на грчкиот туризам. Според истражувањето на Народна банка на Грција, во првите шест месеци годинава се влеале само 2.78 милијарди евра од туризмот, што е за 11,9 отсто помалку од истиот период минатата година. Само во јуни годинава падот на приходите е 16 отсто кај сите туристички услуги во државата. Експертите се загрижени да не се повтори истото сценарио од лани, односно приходите да паднат дури 30 отсто за една година, што доколку се случи, ќе значи ставање клуч на голем број компании од туристичкиот сектор.
Податоците изгледаат загрижувачки и за туристичките работници и за владата. Сепак, заменик-министерот за туризам, Јоргос Никитијадис, тврди дека е оптимист и дека грчкиот туризам може да се врати на нозе. Според Никитијадис, работите може да се подобрат, бидејќи резервациите за август и за септември се значително побројни во споредба со минатата година.
Сепак, во голем дел од туристичките места изостанува оптимизмот на Никитијадис. Бројот на ноќевања е намален, а хотелиерите се принудени да ги намалат цените за да можат да се справат со конкуренцијата од оние што издаваат соби и апартмани за пониски цени. Август, според грчките експерти, може да ги подобри работите, бидејќи повеќе туристи годинава се одлучиле за летување при крај на туристичката сезона поради пониските цени. За помалиот број туристи вината се бара во нередите и протестите, еднонеделниот штрајк на превозниците кога не можеше да се најде капка гориво во државата, пожарите кои секое лето беснеат на грчките острови, како и покаченото ДДВ поради кои се покачени и цените во маркетите, но и цените за сместувачките капацитети.
Ако се погледнат цените во маркетите и во таверните, не е ни чудно што е намален бројот на туристите. Истражувањето на Одделот за трговија при Министерството за економија, во кое се споредени цените на 70 производи во шест држави (Шпанија, Германија, Франција, Кипар, Словенија и Грција), покажува дека последната има највисоки цени речиси за сите производи, а најевтино е во Германија и во Словенија. Така, безалкохолните пијалаци во Грција се 31 отсто поскапи од Франција, млечните производи се 65 отсто поскапи од Франција, додека брашното е 95, а млекото 21 отсто поскапо од цената на овие производи во Германија. Црните вести продолжуваат со тоа што цената на пивото во Грција е 39 отсто повисока од државата која е царство на пивото - Германија, а сокот од портокал е 69 проценти поскап од оној во Словенија. И да не се заборави, во споредените цени не е пресметано ДДВ-то.
Колку и да се вложува надеж во август и во септември како шанса за поправен за грчкиот туризам, сепак, крајот на летото за многумина нема да донесе добри вести. Според информациите на весникот „Имерисија“, до крајот на туристичката сезона значително ќе се зголеми процентот на невработени во државата, односно се проценува дека од 800.000 граѓани околу 200.000 ќе бидат без работа. Само во јули бројот на невработени во Заводот за вработување е зголемен на 659.384 лица, односно речиси 100.000 повеќе од истиот период лани. |