СПЦ и МПЦ никогаш не биле подалечни
Го бара ли г. Стефан невозможното очекувајќи од патријархот Вартоломеј да помогне во црковниот спор?
Билјана Јовановска
Великодостојници на Македонската православна црква во неделата не присуствуваа на свечената интронизација на 45. српски патријарх г. Иринеј. За разлика од изборот на новиот поглавар на Српската православна црква во Белград во јануари кога МПЦ беше претставувана на највисоко ниво, овој пат немаше ниту еден претставник, што се должи на најмалку две причини.
Најважната сигурно е што патријархот Иринеј, од денот кога е избран, во континуитет, во однос на нашата Црква дава изјави што ниту соодветствуваат со реалноста ниту се во полза на продолжувањето на замрзнатиот меѓуцрковен дијалог.
Не е неважен ниту фактот дека овој пат изостанаа и телефонските повици од Белград кон Скопје што ги имаше во изобилство во деновите пред изборот на српскиот поглавар и за погребот на г. Павле, а ниту, пак, некој од Патријаршискиот двор испрати покана до МПЦ за присуство на свеченоста во Пеќ. Црквата беше прескокната, а официјално беше поканет само македонскиот државен врв, кој, пак, процени дека е подобро да остане дома.
Ако се сложат коцките со несреќните изјави на Иринеј, повеќе од јасно е дека во догледно време нема да се случи седнување на духовниците на заедничка маса. Оттаму, не чуди изјавата на архиепископот Стефан дека „очекува од вселенскиот патријарх да помогне онака како што му прилега, зашто проблем на едно место за црквата е проблем за цела православна црква“. Иако, реално, г. Вартоломеј доколку сакал и досега сто пати можел да повлече конкретен потег за решавање на проблемот со статусот на Македонската православна црква. Така пред неколку години постапи со Албанската православна црква на која и' го даде томосот за автокефален статус.
Дали се реални очекувањата вселенскиот патријарх да пресече во полза на МПЦ? Цариградскиот православен папа, како што неофицијално го нарекуваат г. Вартоломеј, не испушта можност, а да не порача дека македонското црковно прашање бара решение. Со оваа изјава им го крева притисокот на сите оние српски митрополити што не се за надминување на спорот, бидејќи е спротивна на официјалниот став на СПЦ дека отвореното црковно прашање е решено со инсталацијата на Вранишковски. Црковен Белград, за волја на вистината, досега не прифати ниту еден предлог за посредништво, потенцирајќи дека се работи за внатрешен меѓуцрковен проблем, што е далеку од вистината.
Од друга страна, пред повеќе години г. Вартоломеј ги посоветува македонските великодостојници МПЦ да побара канонски отпуст од СПЦ, што многу го разлути дури и тивкиот патријарх Павле, кој на нашиот поглавар Стефан му напиша исклучително остро писмо.
Сепак, кога се бара помош од вселенскиот патријарх Вартоломеј, мора да се има предвид дека од него се бара невозможното или барем тешко остварливото: да го победи сопствениот елинизам и како Грк по потекло, да не го протежира ставот на грчкиот блок цркви, а индиректно со тоа и на СПЦ, туку да застане зад барањата на МПЦ.
Во православието каноните многу често немаат пресудна улога, што се покажува и во однесувањето на црковна Москва. И серуските поглавари, и претходниот и овој, се оградуваат од вештачките црковни инсталации, кои сака да ги направи СПЦ во Македонија, ама стојат понастрана.
Освен што Руската православна црква дома има проблем со Украинската црква, таа не сака да ги разниша ниту добрите односи со СПЦ и така македонскиот црковен проблем се врти во еден волшебен круг. Дали и кога ќе излезе од него, никој не знае, но охрабруваат сигналите што доаѓаат од некои митрополити на Грчката православна црква дека признавањето на автокефалниот статус на Македонската православна црква ќе се случи веднаш откако политичарите ќе најдат компромисно решение за името. |