Читајќи ги дневните весници, човек наидува на текстови во кои се изразуваат најразлични размислувања, сфаќања и ставови за одредени прашања од нашата, пред се', политичка стварност и тука нема ништо спорно секој да си го изнесе својот став. Но, два текста на двајца млади доктори на науки ме изненадија со својот начин на изложување на своите обмисли и ставови, кои, во најмала мера се нереални, да не кажам анахрони со стварноста и реалноста. А се работи за млади луѓе од кои треба да протече вруток на напредни и визионерски идеи, а не враќање кон некакви атавизми и изнесување ставови својствени за првата половина на 20 век.
Едниот од нив во текстот се присетува на некоја негова колумна од пред 12 години, која се однесувала на оној, за нас болен акроним на нашето име, и истакнува дека е интересно човек да се наврати на она што запишал, како последица на напор да разбереш што се случувало во твојата држава, а и низ запишаните зборови да видиш какви биле твоите ставови и како еволуирале тие. Тој констатира дека на надворешно-политички план во изминатите 20 години сме направиле катастрофални грешки, кои сега скапо не' чинат. Со тоа во голема мера се согласувам. Подоцна изнесува дека тие како млада и „перспективна“ генерација на студенти се спротивставиле на оваа погубна политика. Колку што ме служи сеќавањето, споменатиот млад господин тогаш логоруваше пред парламентот, со барање да не се воведе албанскиот јазик на Педагошката академија. Дали мислел дека воведување албански јазик во високото образование е погубна политика и тој со сите сили се борел против тоа или, пак, во прашање било нешто друго? Спомнува дека како голема лага, со одредени намери, било пласирано дека акронимот со кој бевме примени во ООН ќе бил за два месеца, а еве поминаа стотици месеци, а резултати нема. Забележува дека не сме граделе професионална дипломатија, но се испраќале деца, роднини и пријатели на „заслужен“ одмор, па затоа за државните интереси и за лобирање никој не чул.
Колку ми е познато, истиот г-дин, без грам дипломатско искуство, беше испратен како конзул во САД од каде што, поради несоодветно однесување беше неславно вратен во Македонија.
Им префрла и на ВМРО и на СДСМ за нерешавање на проблемот со името, но и констатира дека големите блокови направиле пресија на нас да се откажеме од се', име, јазик, идентитет, што може да има спротивен ефект, па поради безобразието и начинот на кој ни се подметнува, кај нас се створи уште посилен отпор и може да не' натера да ја земеме судбината во свои раце и да продолжиме сами!?
Ако се има таква промисла, тогаш не требаше да се продава Цементарница, бидејќи ако појдеме по стапките на Енвер Хоџина Албанија, ќе треба да се оградиме со мноштво бункери, а можеби така ќе се реши и безработицата во градежништвото?
Другиот млад г-дин, доктор по филозофија , предлага на сите Македонци по род, со закон да им се даде државјанство и истите права, како и на Македонците што живеат во Македонија, како единствен излез од амбисот. Исто така, ценејќи ги хронолошки процентите на Албанците во Македонија низ минатото, мисли дека тие се под 20%, а ако се ревидираат сите незаконски добиени државјанства, дадени од СДСМ, нивниот процент ќе паднел под 10%. Предлага стимулирање на враќање на нашите иселеници, па процентот на Македонците по род би изнесувал 95% и така би имале 120 пратеници од вкупно 130 во парламентот и би отпаднал Бадинтер и Рамковниот договор како најголеми проклетства за Македонија.
Ќе престанеле уцени, тероризам, палење, масакри, а Македонија, заедно со националните малцинства, со заедничка колективна енергија и нов политички дискурс, елан, самодоверба, нов модус на мислење, гордо и достоинствено ќе се развивала. На крај не' повикува сите Македонци по род да се сплотиме како што никогаш не сме биле, без разлика каде живееме, бидејќи нас не' поврзува нишка, вечна и највеличенствена, нас не' поврзува Македонија! Види мајката, тоа досега не сме го знаеле ако овој млад филозоф не ни го откриеше!? И што да се каже по оваа патетична национална соната на овој „докторски дует“. Ноктурно!
Колку што гледам јас,Албанците ни се најмал проблем во државава.По победата на изборите 2006 година,и особено по освојувањето на целокупната власт во Македонија од страна на ДПМНЕ,таква пизма е направена меѓу народот,така што секојдневно си вадиме очи меѓу нас Македонците.Повеќе не можеме нити искрено да се погледнеме во очи.