Повеќе од една година, секако со добри намери, се провоцираше промена на органи на ЗНМ избрани „на какво такво“ Собрание. Наместо по легална статутарна постапка со потписи во два круга да се предизвика Вонредно изборно собрание, со волунатристичкиот пристап една и пол година беше неутрализирано и онака инертното Здружение.
Тоа што притоа е особено несфатливо е што во оваа работа на многу, многу часови потрошено време, познати, паметни, образовани, афирмирани новинари организирани, како што меѓусебно се именуваа, во „реформатори“ и „востаници“, ги превидоа основните сидра врз кои почива ова наше сложено и сензитивно македонско општество.
На Вонредното собрание падна стариот Статут. Беа променети фундаменталните одредби што ја обезбедуваа конституцијата, формата на поставеноста на ЗНМ. Беше релативизирана институционалната конструкција на ЗНМ и со неговиот нов Статут, во името на „демократијата“, само навидум најшироко е отворена новинарската организација за секого и за сите идеи.
Натаму е се' познато. Новиот темелен акт долгоподготвуван во неформален амбиент ја обезличува новинарската организација, ја релативизира до степен на нејзино брзо разградување. Вонредното собрание организирано согласно со новиот Статут пропадна. Второто, најавено за неколку недели, исто така, ќе доживее неуспех. Дури изборите да минат „регуларно“, новите акти на ЗНМ не навестува елементарна гаранција за негова натамошна фер и успешна работа.
Накусо, новиот Статут не им ги обезбедува нужните „правичности“ на органите и телата на ЗНМ. Не ги обезбедува нашите три основни општествени функционални постулати врз кои е нужно да почива конструкцијата на организација од форматот на ЗНМ: медиумската правичност, регионалната правичност и етничката правичност.
Без статутарно нормирање на овие принципи, Здружението на новинарите многу бргу ќе се делегитимира. Ќе го загуби својот интегративен атрибут и ќе го доурниса својот авторитет.
Затоа, позитивната енергија што, секако, благодарение на едно и полгодишната мотивираност уште се ослободува од раздвижената новинарска заедница, а која во меѓувреме резултираше со неколку позитивни и општоприфатени иницијативи е добро да се насочи кон ново Собрание на ЗНМ. Неизборно собрание што ќе му претходи на изборното. На него прво ќе треба да биде устоличен нов статут, кој ќе ги гарантира наведените функционални принципи. Тие ќе бидат и правичната изборна база на македонското новинарско здружение.