Едиторијал
Изборите ги спасија пазарџиите
Нина Нинеска-Фиданоска
Омекна ли конечно тврдоглавата Влада? Или, пак, избори се ближат, па сфати дека не смее да се замерува со оние од кои ќе ги побара гласовите само за неколку месеци? Многу поверојатна е втората работа.
На општо изненадување на целата македонска јавност, власта реши да им попушти на пазарџиите и ги ослободи од обврската да се фискализираат, иако се' досега упорно опстојуваше на ставот дека од стартот на идната година никој ни случајно нема да смее да продава на тезга доколку нема „каса фискале“. Ако, пак, се уловеле такви непослушни тезгаџии, организаторите на пазарите ќе биле казнети со суми од 13.000 до 16.000 евра! Владата неколку месеци наназад не сакаше ни да чуе да се повлече од својата „европска“ замисла, иако сите ја предупредуваа оти така ќе го навлече гневот на над 35.000 пазарџии кои го вадат лебот за себе и за своите семејства од продажбата на зелените пазари.
И одеднаш како бомба одекна изјавата на првиот министер Никола Груевски, и тоа дадена не на официјална прес-конференција, туку во емисијата „Јади бурек“, на телевизија која, сепак, не можат да ја следат сите граѓани во државата. Накусо, тој соопшти дека пазарџиите нема да мора да се фискализираат, туку ќе плаќаат паушал без оглед на тоа колку приходи остваруваат. И замислете, одложувањето на пазарната фискализација не е на некој одреден период, туку на неодредено време – се' до влезот на Македонија во Европската унија. А тоа, како што им е добро познато на сите, е во некоја добра далечна иднина. Значи, да резимираме, куртулија и пазарџиите и компаниите што стопанисуваат со зелените пазари во земјава.
Иако по ваквиот развој на настаните би требало да ни олесни на сите, па дури и нам како граѓани, бидејќи и натаму ќе си ги имаме омилените зелени пазари, сепак, мора да се постави прашањето како одеднаш дојде до ваков пресврт? Неколку месеци наназад пазарџиите и организаторите на пазарите просто си ги искинаа нервите од тоа што ќе ги чека од стартот на идната година. За тезгаџиите, кои заедно со своите семејства бројат популација од 200.000 луѓе, тоа ќе значеше крај на нивната егзистенција, бидејќи ќе мораше да регистрираат фирми и да купат фискални каси, како и да плаќаат данок од и онака ниските приходи. Компаниите, пак, ќе мораше да ги затворат пазарите и сами да се соочуваат со револтираните пазарџии, кои се закануваа со протести и нереди. Сите овие луѓе со недели ја молеа Владата да се вразуми и да отстапи од својата намера, но таа се' досега остана глува за нивните апели.
И сега одеднаш - власта вели нема фискализација. Како мало дете кое ќе се отепа од плачење за да му купите некоја играчка, но веќе во наредната минута, кога ќе го излажете со нешто друго, престанува со плачење. Толку е постојана и нашата Влада.
Можеби нејзиното ретерирање околу пазарите се должи на дебаклот што го доживеа со фискалните патриоти, за кои трговците летоска „како попчиња“ си платија вкупно пет милиони евра, но потоа одлуката ја укина Уставниот суд. Сега власта се чуди кој ќе плаќа за отстранување на патриотските софтвери, а уште повеќе за тоа како ќе ги обесштетува трговците. И пред воведувањето на патриотските каси сите му укажуваа на владиниот тим дека не постапува правилно, но бадијала, тој си тераше според своите планови.
Чудно е како оваа власт, кога ќе замисли дека треба да донесе некоја мерка што според неа е исправна, не есапи жива сила што и' го кажува спротивното. Целосно се дистанцира од сите забелешки и критики. Така беше и со ХАСАП-системот, со забраната за продажба на алкохол, со пушењето...
Затоа можеби и беше изненадувањето од попуштањето за пазарџиите и нивната фискализација. Ама, ако подобро се размисли, воопшто и не треба да бидеме изненадени. Изборите, сепак, си го направија своето.
|