Понижувачки пораз на Британија во ирачкиот парламент
Со мнозинство гласови, ирачките пратеници ја отфрлија резолуцијата за продолжување на мандатот на Британците
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Британија доживеа „понижувачки“ пораз во ирачкиот парламент, веднаш по, како што се означи во Лондон, „успешната мисија“ на премиерот Гордон Браун во Багдад и Басра, каде што по разговорите со премиерот на Ирак, Нури ал Малики, соопшти дека до крајот на јули следната година, британските војници целосно ќе се повлечат од оваа земја. Со мнозинство гласови, ирачките пратеници ја отфрлија резолуцијата за продолжување на мандатот на Британците и уште на некои помали неамерикански воени контингенти по Нова година, кога истекува мандатот на Обединетите нации, според кој странските сили беа стационирани во Ирак.
Американците по долги преговори што траеја уште од крајот на пролетта годинава, се спогодија со новите ирачки власти, нивната војска да остане до крајот на 2011 година, под строго определени услови со кои, како што се вели, се задоволни и двете страни. Британската влада есенва најави дека и таа ќе води разговори за продолжување на престојот на Британците, иако паралелно со тоа, официјален Лондон неколку пати навестуваше пред овдешната јавност дека следната година ќе уследи „долго очекуваното“ повлекување од ирачкиот фронт. По САД, британската војска беше најбројната во Ирак, но таа главната мисија ја имаше во помалку борбениот југ на земјата, сконцентрирана, пред се', на покраината и градот Басра, преку кои одат конвоите за снабдување од Кувајт до Багдад.
Уште пред навестеното заминување, Британците ги прекинаа борбените операции во „својата зона“ на дејствување и се повлекоа од стратегиските пунктови во градот Басра, каде што беа постојано напаѓани од разните шиитски милиции. Загинатите 178 британски војници и воен персонал, главно од крајпатни мини или од минофрлачки напади, но и од несреќни случаи и од т.н. „пријателски оган“ од сопствените трупи и од Американците кои во почетокот на војната по грешка пукаа врз сојузничките војници, ги натераа владата во Лондон и воената команда да се одлучат за повлекување во базата кај аеродромот во Басра и практично да ги прекинат непријателствата со шиитските милиции. Таквиот потег, се покажа, дека не им бил по волја на Американците кои минатото лето, за време на острите полемики меѓу Вашингтон и Лондон, тоа го нарекоа „неуспех на британската мисија“, а ниту на ирачката влада, зашто како што еднаш рече премиерот Ал Малики, „не се успеа да се воспостави ред“ во градот.
Новата влада на Браун составена од главно негови блиски сојузници кои претходно навестуваа дека откако тој ќе го наследи Тони Блер, војската брзо ќе се повлече од Ирак, сепак, остана и понатаму со 4.100 луѓе, чија мисија се сведува само на обука и тренинг на новите ирачки безбедносни сили. Кога Британците пролетва одбија да учествуваат во пресметката на владата во Багдад со милициите, главно оние на екстремниот шиитски лидер Моктад ал Садр, за да се „поврати контролата врз градот“, сосема се обелоденија големите несогласувања на ирачката влада и Британците. Во Лондон се најавуваше „долга и бескрајно неизвесна“ битка, па дури и „пребрза и прерано преземена пресметка“ за се' уште неопитната нова ирачка армија, но се покажа дека со логистичка поддршка на САД, Ирачаните брзо и без проблеми го скршија отпорот на садристите. Во интервју за „Тајмс“ премиерот Ал Малики му порача на Браун дека британската војска не му треба веќе на Ирак за борбени операции и дека Британците може да си одат кога ќе посакаат.
Таквата порака во Лондон беше примена како „шлаканица“ за британската војска и за напорите на Британија да се стабилизира Ирак, но владата на Браун молкум го проголта „срамот“, за кој сега се вели дека веројатно има влијание врз одлуката на пратениците да не прифатат продолжен мандат за британската војска, без разлика што тој ќе се однесува само на уште седум месеци. Некои пратеници по гласањето изјавија за лондонските медиуми дека станува збор за победа на ирачката демократија. Официјално, неуспехот на тамошната влада да ја протури резолуцијата што се направи по договорот меѓу Браун и Ал Малики, се објаснува со немањето прецизни одредби за британскиот мандат, како што тоа го има во договорот со Американците, додека за пратениците од крилото на Ал Садр велат дека гласале и ќе гласаат против затоа што тие бараат по 1 јануари да нема странска војска. Британската влада и овдешната јавност останаа одново збунети од она што го добија од Багдад, гледајќи во гласањето како на понижување, онака како што го мислеа тоа и по лекциите што им ги изрече ирачкиот премиер затоа што британската војска не сакаше да му помогне во неговата пресметка со екстремизмот на шиитските милиции.
Според британски извори, Ирачаните веруваат дека Британците едноставно се спогодиле со локалните милиции да се повлечат од борбите за владата во Лондон да не трпи критики од оној дел на британската јавност која беше и остана против војната и британскиот влог во решението на САД да се нападне Ирак, оставајќи ги луѓето во Басра „на милост и немилост“ на силеџиски банди и крадци“ што го тероризираат градот. Сега се најавува ново гласање во парламентот на Ирак, за кое се вели дека ќе се обезбеди тоа да биде успешно и да и' даде мандат на владата на Ал Малики да направи договор со Британија, но и со владите на Австралија, Романија, Салвадор и Естонија, нивните војници да останат во земјата до крајот на јули. Како и да заврши второто гласање, дел од лондонските медиуми кои се против војната, сите овие случувања ги означуваат како срамни за Британија, обвинувајќи ја владата дека со добивањето уште една шлаканица од Ирачаните, се соочува со правна нејаснотија и неодреденост за тоа што и како понатаму, исто онака како што на почетокот од војната се соочуваше со „правната нелегалност“ на интервенцијата, за која „Индепендет“ и „Гардијан“ ги обвинуваат само претседателот Џорџ Буш и поранешниот премиер Тони Блер. |