Полска ќе ни помага да преговараме со ЕУ
Тогаш кога ќе ги почнеме преговорите, Варшава ќе ни асистира во три области
Кога Македонија ќе ги почне преговорите со Европската унија, Полска ќе ни помага во две области. Ова вчера го објавија македонскиот и полскиот шеф на дипломатијата во Скопје.
„Идната година Полска ќе претседава со ЕУ. Од особена важност е потпишувањето на декларацијата за поддршка за нашето пристапување во ЕУ, по примерот на таа меѓу Полска и Холандија, што ќе значи дека во моментот на отпочнување на преговорите Полска ќе биде наш покровител и помагател во делот на правда и внатрешни работи и во делот на заедничката надворешна политика“, изјави вчера министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
Полскиот министер Радослав Сикорски, кој вчера престојуваше во официјална посета, рече дека неговата земја, како претседавач идната година, заедно со Унгарија ќе го стави проширувањето на повисоко ниво на агендата на ЕУ. „Особено сме заинтересирани процесот на проширување кон Западен Балкан да биде завршен“, изјави Сикорски.
Сепак, полскиот шеф на дипломатијата потенцираше дека тоа нема да биде можно без решавање на спорот за името. „Затоа ќе навиваме за преговорите во ОН, за кои се надеваме дека ќе завршат успешно и за Македонија и за Грција, и дека двете земји ќе демонстрираат флексибилност и ќе најдат решение“, рече тој. Како симбол на поддршка за нашата земја тој го посочи безвизниот режим, со надеж дека идната година ќе биде година на проширување на ЕУ.
Милошоски од своја страна потенцираше дека за земјава е од голема важност тоа што Полска и Унгарија ќе се посветат дополнително на проширувањето на ЕУ кон регионот, што за земјава ќе биде мотив плус за дополнителни напори за исполнување на мерките за членство. Тој ги подвлече блиските односи што ги имаат двете земји, особено на политички план што, пак, отвора повеќе простор таа соработка дополнително да се исползува на полето на економската и трговската размена. (T.Г.) |