Друцас пак ја засили реториката за името

Грчкиот печат и грчките политичари вчера кусо направија пауза од караниците за економските проблеми,и го свртеа вниманието кон прашањето за името. „Не е драматично, нема нов развој на настаните, но се чини целиот хаос во кој се наоѓа нашата држава му даде на премиерот Никола Груевски повеќе сила во спорот за името“, пишува вчера весникот „Етнос“, коментирајќи дека Груевски го користи моментот на слабост на Грција да добие повеќе светски и европски симпатии во своја корист.
„За Грција бесмислена е секаква јавна дискусија и расправија за кој било предлог за името, дали вистински или само објавен во медиумите кога Груевски не се поместува од своите студени позиции. Бесмислено е да се зборува за предлози кога другата страна не покажува подготвеност з�� сериозни преговори“, изјави на расправата во грчкото собрание ,заменик-министерот за надворешни работи, Димитрис Друцас.
Одговарајќи на прашањето на лидерот на националистичката ЛАОС, Јоргос Караџаферис, за вистинитоста на предлогот „Вардарска Македонија“, Друцас потенцираше дека е беспотребно и спротивно на грчките интереси да се водат преговори меѓу грчките партии за прашањето за името кога премиерот Никола Груевски воопшто не ги менувал своите позиции.
Иако при изјавите во Брисел и Луксембург Друцас имаше оптимистички тон дека двете држави никогаш не биле поблиску до решение, сепак, неговата вчерашна изјава во грчкиот парламент дека уште многупати во Собранието ќе се разговара на оваа важна национална тема, водеше кон спротивен впечаток.
Репликата за важноста на оваа тема од страна на Друцас дојде по завчерашната средба меѓу македонскиот и грчкиот премиер во Брисел, а на категоричното барање на Караџаферис владата јасно да каже што се преговара во ОН и каков е нејзиниот став за предлогот „Вардарска Македонија“, кој оваа недела активно кружеше во грчките и во македонските медиуми. „Во врска со идејата за референдум, сите знаеме дека премиерот Груевски сака да се скрие зад јавното мислење во неговата држава“, изјави Друцас. „Ние не се плашиме да преземеме политичка одговорност и нема да ја префрлиме одговорноста за сериозните одлуки на нашиот народ“, заклучи Друцас. (М.П.)
|