Македонија нема лобист во Брисел
Сликата во ЕУ се поправа со професионална помош, а не со рекламни кампањи
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Иако приемот во Европската унија е една од двете стратегиски цели, Македонија нема ниту еден лобист во европската престолнина кој би работел на имиџот на државата и на подобро пласирање на нашите ставови, откако Тео Вајгл доби отказ од таа задача, а Едвард Бусек само одглуми дека ја прифаќа понудата.
За разлика од Вашингтон, каде што е редовна практика да се ангажираат лобисти кои ни ги отвораат вратите на Конгресот и другите институции, во Брисел Македонија има само една лобистка, Сузана Петри која, всушност, не е во Брисел, туку е поканета да работи во нашето Министерство за надворешни работи, а работи на подобрување на односите со Европскиот парламент.
За разлика од другите држави во соседството кои ангажираат разни консултантски или лоби- групи за да им го одработат тоа што самите не можат во моментот, од Владата дури сега навестуваат дека работат на создавање лоби-мрежа која треба да го забрза нашиот, веќе историски пат кон Европската унија. Бидејќи во моментов Македонија има проблем со имиџот како и Бугарија, иако од друга природа, за паралела добро е да се знае што прави оваа земја откако падна во немилост на Брисел.
Лобистите можат да завршат огромна работа, вели Андреас Гајгер
Имено, од неодамна бугарскиот премиер има на располагање шест, како што ги нарекоа бугарските медиуми, странски „мудреци“, предводени од бившиот француски премиер Доминик де Вилпен. Тие се обединети во специјален консултативен тим во кој се еден поранешен министер за индустрија на Шпанија, бивш комесар за правда и внатрешни работи, бивш член на Европскиот суд за ревизија, ректор на Европскиот колеџ во Бриж и каталонски експерт за евроинтеграција. До неодамна Бугарија имаше договор од милион евра со австриска консултантска куќа, но по одлуката на ЕК да и' ја укине сосема помошта, ја ангажираше адвокатската лоби- фирма „Албер и Гајгер“ за да ги застапува нејзините интереси во Европската комисија. Оваа адвокатска фирма има канцеларии во Берлин и во Брисел, и во неа работат поранешни високи функционери од европските институции и правници од висок профил. Според бугарските медиуми, „Албер и Гајгер“ ја чини Бугарија само 15.000 евра, но бројката со сигурност не е реална, особено по шпекулациите дека само за да му го донесат на конференција еврокомесарот Оли Рен, газдата на српска „Делта“ платил 50.000 евра на лоби- група.
Што можат да направат овие лобисти, кои во ЕУ работат во длабока сенка, па не се знае ниту нивната точна бројка (неофицијално околу 15.000) се виде за време на грузиско-руската војна која беше посилна во Брисел отколку на теренот, бидејќи и едната и другата држава имаа ангажирано свои консултанти кои требаа да докажат дека другата страна ја почнала војната прва. На општо изненадување кај бриселскиот естаблишмент, кој мораше да констатира дека Москва ја доби битката, бидејќи на западните критики одговори со западна реторика и финти, а не како што очекуваа со рускиот пропаганден арсенал.
Проблемот на Македонија е што, освен што извиси околу датумот за преговори, ја изгуби и јавната европска поддршка околу спорот за името, а критиките од ЕК кон земјата беа толку силни што ни го урнаа имиџот не само во ЕУ, туку и во светот, кај инвеститорите, кај пријателите... а нашата Влада ниту имаше контакти ниту знаење како да го неутрализира сето тоа. Во Брисел, изминатата година и повеќе речиси не може да се чуе македонски став, а сите функционери ги рецитираат грчките аргументи, освен во Европскиот парламент чија моќ не е таква да ги придвижи настаните во наша корист.
Андреас Гајгер, сопственик на лоби- компанијата, тврди дека е многу честа практика да се бара професионална помош околу политиката на ЕУ и законската регулатива, за полесно да се комуницира со европските институции. „Таква помош особено бараат новодојдените, бидејќи не ги знаат европските процеси. Исто така, ни се обраќаат и земјите од третиот свет, од Латинска Америка, од Африка, од Азија. Не се работи притоа за подобрување на имиџот, бидејќи таков ПР- обид е комплетно погрешен и контрапродуктивен. Потребно е квалификуван политички и легислативен совет за проактивно и позитивно да се влијае ЕУ- процесот“, вели тој.
Според него, бугарскиот прв обид да си го исполираат имиџот со ПР- агенција бил неуспешен, бидејќи одговорот на медиумите бил спротивен, откако впечатокот бил дека Софија сака само да го ја смени сликата за себе, а не навистина да ги подобри законите и администрацијата.
За него не е дилема дали Македонија треба да има лобисти во Брисел или не. „Македонија треба да почне да лобира веднаш. Одлуките на ЕУ против Бугарија делумно се насочени и кон потенцијалните нови членки, како Хрватска и Македонија. Пораката беше: ако имате слични проблеми како Бугарија, нема да влезете. Затоа, потребно е Македонија да зборува со одговорните директорати во Комисијата, во дипломатските претставништва и со релевантните членови на комитетите во ЕП за да осигура дека процесот кон ЕУ е на вистински пат“, смета Гајгер. За него основно е земјите-кандидати да изградат добра репутација за да бидат прифатени од ЕУ. „Поради финансиската криза, сомничавоста кон нови членки е зголемена особено во однос на трошењето на фондовите за помош. Тоа не е фер, но е факт. Да го знаете начинот на кој функционира Брисел и играчите во него, помага многу. А, ние тоа го правиме за клиентите“, вели Гајгер.
Тој не сакаше да прецизира колку би ја чинело тоа Македонија, бидејќи зависи од големината на проблемот и од времето што ќе биде потребно тој да се реши. Според него, не е исто дали треба да се влијае на ЕУ- директива, на пример за автомобилската индустрија, или да се поправа позицијата на една земја во кризна ситуација. |