Број 3255  понеделник, 12 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Втора страница

Македонија загуби голем пријател

Качињски беше отворен поддржувач на македонската позиција во спорот со името со Грција

Тамара Грнчароска

Пријател на Македонија и отворен поддржувач на македонската позиција во спорот за името со Грција и македонското евроинтегрирање беше трагично загинатиот полски претседател, Лех Качињски. За спорот околу името, Качињски изјави дека „не сме во состојба да разбереме зошто нашите пријатели не сакаат да го признаат уставното име на Македонија“. Качињски за време на посетата на поранешниот македонски претседател, Бранко Црвенковски, на Варшава, мај 2007 година, целосно застана на страната на Македонија во спорот со Грција. Црвенковски беше во Варшава и во ноември 2008 година и тогаш Качињски изјави дека нема промени во ставот на Полска да го користи уставното име на Македонија во билатералните односи. Подоцна, на самитот на ЦЕИ во Нови Сад, на средбата со актуелниот македонски претседател, Ѓорге Иванов, истакнал дека официјална Варшава е на страната на Македонија во спорот за името. Качињски притоа нагласил дека има целосно разбирање за Македонија и ќе се залага да го зачуваме уставното име.

Токму наклонетоста на Качињски кон Македонија предизвика уште поголема тага од трагедијата на полскиот претседател, бидејќи во неа земјава загуби голем пријател. На загинувањето на Качињски веднаш реагираше македонскиот политички врв, при што претседателот Иванов, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието, Трајко Вељановски и поранешниот претседател Црвенковски, упатија писма со сочуство до полскиот народ и до семејствата на загинатите.

„Сакам во мое име и во име на сите граѓани да им изразам најдлабоко сочувство на полскиот народ, до семејството на мојот личен пријател, претседателот Качињски, до семејствата на трагично настраданите. Во овие мигови на длабока тага нашите срца и мисли се со пријателскиот полски народ“, изјави Иванов.

„Иако во овие тешки мигови за вас и за вашето семејство не постојат зборови кои можат да ја намалат болката, сепак, како што нашиот народ умее да вели: ’Споделена тага е помала тага’, и затоа дозволете ми од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија, да Ви ги упатувам изразите на најдлабоко сочувство“, се наведува во писмото од Груевски, во кое се додава дека „вие го загубивте таткото на нацијата, а Македонија изгуби искрен и голем пријател“.

Писмото со сочуство од спикерот на Собранието, Вељановски, освен изрази на длабока тага од трагедијата, стои дека „несомнено, овој трагичен настан ќе биде голема загуба како за Полска и нејзиниот народ така и за демократска и обединета Европа, а исто така, ќе претставува и голема загуба за Македонија како ваша пријателска земја“.

Поранешниот претседател, Црвенковски, со телеграма со сочуство на полските граѓани им укажа дека со смртта на Качињски „изгубија лојален слуга“. „Претседателот Качињски ќе биде запаметен како голем државник, кој со посветеност работеше на развојот и просперитетот на неговата земја, благосостојбата на нејзините граѓани и напредокот на демократијата, стабилноста и интеграциите во Европа“, се наведува во телеграмата.

Трагично загинатиот полски претседател, Лех Качињски, е роден во 1949 година во Варшава. Завршил Правен ��акултет, а политичката кариера ја почнал во 1977 година во Комитетот за заштита на работниците, претходница на познатата „Солидарност“. Од декември 1981 до октомври 1982 година Качињски бил затворен токму поради инволвираноста во „Солидарност“. По падот на комунизмот, тој и неговиот брат-близнак Јарослав прават пробив на распарчената политичка сцена, при што ја водат кампањата за откривање на соработниците на комунизмот и ветуваат „морална револуција“ против корупцијата.

Лех Качињски во Сенатот бил избран во 1989 година, а на чело на Бирото за национална безбедност, во 1991 година. Истовремено беше и шеф на кабинетот на тогашниот претседателот на државата Лех Валенса, во чија победа на изборите во 1990 година играше значајна улога. Во кариерата му е запишано и министерското место за правосудство на Полска.

Пред да стане прв човек на Полска, Качињски беше градоначалник на Варшава од 2002 година. Заедно со братот-близнак, Јарослав, во 2001 година ја формира партијата Право и праведност, која ги потенцираше традиционалните вредности на Католичката црква. Лех Качињски беше избран за претседател на државата во октомври 2005 година. Тогаш го победи својот главен политички ривал Доналд Туск, кој сега е премиер.

За време на неговиот претседателски мандат Полска им се приближи на САД, но ги залади односите со Русија и со Германија.

Качињски важеше за некорумпиран политичар, кој за разлика од некои посткомунистички лидери, никогаш лично не профитирал од политиката. Иако за светската јавност неговите десничарски ставови по многу прашања беа контроверзни, кај Полјаците тој уживаше углед, особено во традиционалните и во руралните средини. Нему не му беше непознато играњето на картата на популизмот, па така за време на мандатот како градоначалник, двапати забрани одржување геј-парада и беше поборник за враќање на смртната казна.


#
Статијата е прочитана 1122 пати.

Испрати коментар

Од: Itar Pejo
Датум: 12.04.2010 08:11:49
Ivanov i Kacinski bile LICNI prijateli? Od koga? Od osumdesettite koga dvajcata se borele protiv komunizmot? Koga nasiov Predsedatel bese profesor se srecavale? Ili od koga stana Predsedatel. Si odele doma? Ili se sretnale negde na skali? Ne treba covek da preteruva!
Од: EMIL
Датум: 12.04.2010 12:53:15
E be Itar Pejo, zarem lugjeto ne se srekjavaat i zapoznavaat i koga ne se pretsedateli. Aj ne glupari. Tuku zborot mi e drug. Kaj brakjava Poljaci ima mnogu licni iminja so SLAV napred ili nazad, a nie idioti se sramime od toa. Bravo Poljaci, vie ste vo najstarata slovenska postojbina, ne vi trebalo da go minavate Dunav so slamki, kako nie. SLAV, SLAV,SLAV.... Puknete anticari na Aleksandar!!!!

Најди! во Утрински
Втора страница
Карикатура
Вербатим
Качињски беше принципиелен човек
Пензионери на дното