Број 2863  вторник, 16 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Анализа

Европа - Балкан

Србија како Дедо Мраз

Иван Торов

Со подарувањето на Нафтената индустрија на Србија на Русите, Тадиќ му порачува на Брисел дека српскиот евроентузијазам е на умирање

БЕЛГРАД - Како што се предвидуваше, така и се случи. Само две неполни работни недели пред Нова година, Србија падна во драматичен временски парламентарен цајтнот, кој, всушност, ја отсликува длабочината и природата на нејзината криза. Само чудо може да помогне државата во идната година да влезе со нов буџет и да го избегне привременото финансирање, Собранието да усвои десетици закони потребни за исполнување на условите за стекнување статус-кандидат за ЕУ и ставање на визниот режим на „бел Шенген“. Јавноста деновиве е фрапирана од индолентноста и немоќта на пратениците да ги усвојат законските измени со кои ќе им овозможи на граѓаните, место до 31 декември годинава, кога им истекува важноста, до крајот на идната да патуваат со старите пасоши. Дотолку повеќе што издавањето на новите биометриски исправи оди многу тешко и со бројни проблеми. Шансите да се направи тоа во наредните неколку дена се многу мали и поради фактот што владејачката коалиција ја очекува исцрпувачка парламентарна дебата за доверба на владата.

На прв поглед изгледа како опозицијата да се поигрува со власта со тоа што максимално ги користи сите пратенички средства да ја опструира нормалната работа на парламентот. Сепак, многу помачен е впечатокот дека, всушност, владее хаос во режија на самата влада, која, едноставно, не успева да најде решение за кризата на српското општество. И тоа не толку за онаа, предизвикана од светската рецесија, која веќе наголемо ја тресе и онака слабата српска економија, колку за систематското опаѓање кое е од многу постар датум и не е надворешен продукт. И натаму доминира нерасчистената дилема - дали прокламираниот курс на приближување кон Европската унија е единствена алтернатива. Тоа што тлееше неколку години наназад, а и со формалното губење на Косово и со воскреснувањето на партиите и политичарите од режимот на Милошевиќ, со волјата на шефот на државата и лидер на Демократската партија, Борис Тадиќ, сега кулминира со се' поотворен конфликт со Брисел. Европскиот пат е сериозно закочен, побрзо би можело да се каже дека е на своевидна ревизија, што само по себе драматично ја продлабочува внатрешната конфузија, наедно, предизвикува раздор и во редовите на владејачката коалиција.

Опиена од дипломатскиот успех проблемот со прогласената косовска независност, преку СБ на ОН, да го префрли на Меѓународниот суд на правдата и со тоа, како што се истакнува, од политички да го пренесе на правен терен, српскиот политички и државен врв како да ја губи ориентацијата, лиферувајќи потези со кои не само што ја збунува домашната и меѓународната јавност туку и порачува дека евроентузијазмот повеќе не е негово основно определување. Наместо интензивирање на законодавната и секоја друга дејност за позабрзано приклучување кон ЕУ, се пласираат дури и официјално тези дека Србија „повеќе нема да ги трпи европските ултиматуми“ и дека „нема да се откаже од Косово, макар тоа значело простување од Европа“.

Дека српската владејачка групација се наоѓа во голем проблем, а дека и самата, како што изгледа, не е докрај свесна за сите ризици на своите постапки, се покажа минатата недела кога Борис Тадиќ ги отстрани сите дилеми околу контроверзната енергетска спогодба со Русија, која едни ја сметаат за „деловен подвиг на векот“, други, пак, „поразителен скандал“. Иако преговорите не се приведени кон крај, извесно е дека Србија практично ќе ги прифати сите руски барања, попрецизно, ултиматуми: да и' се продаде Нафтената индустрија на Србија за само 400 милиони евра без никакви посебни гаранции дека гасоводот „Јужен поток“ ќе премине на територијата на Србија. Покрај тоа, руската страна бара во обновата на рафинеријата да не вложува свои пари, туку НИС, односно државата Србија, кредитно да се задолжи, инсистира на долгорочно задржување на монополот на увозот и преработката на нафта и нафтени деривати, што Србија би ја направило енергетски апсолутно зависна од Русија. Руските „партнери“, во меѓувреме, се охрабрени од силната поддршка што им ја даваат, покрај ДП на Тадиќ, сите (опозициони) антиевропски, националистички и русофилски партии, па фрлија око и на електростопанството на Србија.

Одлуката на владата да не бара никакви гаранции за гасоводот и за изградбата на магистралниот подземен склад на гас во Банатски Двори во Војводина и да ги предаде двете рафинерии, изворите на нафта и гас, пообемната мрежа бензински пумпи, енергетскиот монопол, големите деловни згради и хотели како „новогодишен подарок“ на Москва за „несебичната поддршка во одбраната на Косово“, предизвика сериозен раздор во владејачката коалиција. Револтиран од таквиот потег, потпретседателот на владата, министер за економија и лидер на Г-17 Плус, Млаѓан Динкиќ, го напушти местото шеф на преговарачкиот тим. Но, не и владата. Навистина, преговорите со Русите продолжуваат, но нивниот резултат лесно може да се предвиди откако со заминувањето на Динкиќ и неговите соработници се отстранети главните пречки „Гаспром“ да го добие она што го сакаше. Предупредувањата на највидните економисти дека е направен катастрофално лош деловен потег, кој Србија ќе ја турне во целосна енергетска, некои мислат и политичка зависност од Русија, овде не ги сфаќаат премногу сериозно. Особено во конкуренцијата со амбицијата на Демократската партија и на неа блиските опозициски политички групации и на овој начин, со задоволувањето на Русија, да му се стави до знаење на Брисел дека „трпението на Србија околу динамиката на европските интеграции е при крај“.

Затоа, не е никакво изненадување што моментално власта на Тадиќ помалку се занимава со целосната парламентарна блокада и со заканувачкиот нов економски крах на Србија, повеќе со калкулациите дали „реконструкцијата“ на владата со замената на „несигурниот“ Динкиќ со „се' посигурниот нов демократ“, бившиот водач на радикалите, Томислав Николиќ, е подобро решение од можни предвремени парламентарни избори веќе во првото тримесечје од идната година. Ако потрае собраниската блокада, се чини, дека и таа дилема ќе биде излишна.


Статијата е прочитана 1149 пати.

Испрати коментар

Од: amanzaman
Датум: 16.12.2008 00:16:27
Господине Торов , дали Вие сте платен да монтирате антисрпски чувства, и ако да, дали доволно! За некој да биде Дедо Мраз на Русија, прво мора да е јако богата и битна личност , а и хонорарот од 400 мил не е така мал.Ве поздрави ОКТА со 20 милиона, или можеби Љубчо Г. Ви е поклоник и спонзор! Смејала се шерпа лонцу велике му уши!
Од: Mitko Stokov
Датум: 16.12.2008 05:55:10
Citat:"Одлуката на владата да не бара никакви гаранции за гасоводот и за изградбата на магистралниот подземен склад на гас во Банатски Двори во Војводина и да ги предаде двете рафинерии, изворите на нафта и гас, пообемната мрежа бензински пумпи, енергетскиот монопол, големите деловни згради и хотели како „новогодишен подарок“ на Москва за „несебичната поддршка во одбраната на Косово“, предизвика сериозен раздор во владејачката коалиција"-zavrsen citat.Pa do koga ti Torov ce sees gol antisrbizam, ne sum nitu srbin nitu srboman, arno ama tvoevo stana degutantno.Kako nekoj da te placa vaka da pisuvas.Ednas ne procitavme barem dva zbora sto ne se otrovni streli.Slikata koga ce ti ja vidam na naslovnata stranica odma se ezam sto si smilil, kakvi otrovi ce isturis.Mozda vakov kakov sto si povece ce i koristis na makedonija, pa da pocnes da pisuvas koj go dade kaleto skopsko, sto se slucuva so OKTA i so makedonskiot kriminal.
Од: european
Датум: 16.12.2008 09:44:50
So svojata politika za kratko vreme Srbija ke se pretvori vo ona ssto go narekuvaat Beogradski Passaluk. Mene ne me zagrizzuva situacijata vo Srbija zatoa ssto voopssto ne ja simpatiziram, no me zagrizzuva toa ssto politikata na nassata vlada vodi kon srbizacija na drzzavata i izolacija od EU. Me zagrizzuva toa ssto nekoi veke otvoreno zapoccnaa da zagovaraat sozdavanje na nova Jugoslavija kako alternativa za EU.
Од: stojna do europen
Датум: 16.12.2008 12:31:08
abe ajvan ti vrska nemas od zivot srbija belgradski pasaluk?a sto mak ce bide koga 20% ce se otcepi mnogu skoro?a sto baras vo eu ako mak e super?sto imas protiv YU?pa podobro ekozaednica so srb,bosna c.g otkolku nikogas vo eu.....
Од: rusko ropstvo
Датум: 16.12.2008 15:43:02
Imam vpecatok kako Srbija da kapitulirala a pobednickite vojski na Rusija gi zavzemaat strateskite pozicii. kako na celiot blakan. prasanje e koj sakas da te porobi, nato ili rusija, magareto ili zmijata.
Од: Dejan
Датум: 16.12.2008 17:07:32
samo neodamnestata investicija na FIAT vo Kraguevac e priblizno kolku site stranski investicii vo Makedonija od osamostojuvanje do denes. Kraguevac e gradce so 100-tina iljadi ziteli. Prasanje: koj e dedo mraz ?
Од: Tode
Датум: 16.12.2008 18:00:43
Ocigledno e deka mnogu politicari vo Srbija sakaat taa da ostane neutralna podednakvo bliska i so istok i so zapad,i vo taa nasoka e prodazba na naftenata industrija,bidejki se drugo e vo zapadni race.Toa sto se obiduva Srbija da napravi e son za Makedonija koja se prodade cela na zapad pa sega ja igraat kako sakaat.
Од: makedonka
Датум: 16.12.2008 20:07:40
Eve da pretpostavime deka ova sto go kazuvate e tocno. Podobro ke se cuvstvuvate Vie i makedonskiot narod. Ili ke vi se zgolemat budjetite mozebi. Prestanete da go naveduvate narodot na losa trasa. Intelegenten e makedonskiot narod kako sto rece Fuere pa nema da dozvoli ponatamu da se zanimava so tugju grizi tuku so svoi. Ne treba da ni e krivo sto ne sme geo strateski tolku interesni kako komsiite. Tuku da se borime so ona sto go imame.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Анализа