Број 3429  четврток, 11 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска








Site Meter
Мислења

Мислења

Лет во место

Петар Арсовски

Додека власта не' убедува дека со џиновски чекори одиме напред, сите инстинктивно чувствуваме дека, всушност, летаме во место

Ако се погледне македонската политичка, социјална и културна средина, се добива впечаток дека во последните неколку години ништо не се случува. Заглавени во сопствениот мал кафез, реално отсечени од остатокот од светот, како Робинзон Крусо на својот пуст остров, гниеме однатре и полека стануваме интровертно агресивни, односно стануваме сами свој најголем непријател. Додека маријачите од власта не' убедуваат дека со џиновски чекори грабиме напред, сите инстинктивно чувствуваме дека, всушност, летаме во место. Во некои делови, онака со потсечени крилја, како колибри, летаме и наназад.

Првиот индикатор за ова е неверојатната леснотија на неодговорноста со која го дочекуваме претстојниот самит на НАТО во Лисабон. Наместо да ги спрегнеме силите и да се договориме за националните приоритети зад кои сите можеме да застанеме и да донесеме натпартиска, национална платформа, ние внатре, лаејќи едни на други, однадвор изгледаме како глутница улични кучиња, а не како држава со национална стратегија за евроинтеграции. Ни фрлија по неколку коски за забава како, на пример, лустрација, досиеја и слично, и ние уредно се здавивме. Коментарите од маријачите до неодамна беа дека Македонија се наоѓа под силен меѓународен притисок за компромис за името, дека сме биле притеснети во невозможно сценарио и слични приказни за мали деца. Тогаш, како и сега, вистината е спротивна: притисокот и инсистирањето на меѓународната заедница е токму позитивен индикатор. Тој означува дека тие (нашите пријатели од странство) се се' уште автентично заинтересирани за прием на Македонија во ЕУ и во НАТО и сметаат дека ние таму припаѓаме, уште повеќе, сметаат дека е од нивен интерес (како и наш) процесот да се одвива што побрзо. Мене, на пример, најмногу би ме загрижило кога странците би престанале да се јавуваат, зашто тоа би значело дека кренале раце од нас. Громогласната тишина со која го дочекуваме самитот во ноември е токму таква индикација.

Забраздени во сопствениот инает и во дневните внатрепартиски калкулации, ни се случи полошото сценарио: за нас веќе никој не зборува, нема притисок, нема исчекување, нема неизвесност. Домашниве маријачи нас не' легнаа на брашно дека нема решение, нема НАТО и ЕУ, а странците, конечно, ги убедија дека не сме искрени во намерите да најдеме заеднички јазик со јужниот сосед. Притоа, пропуштивме две големи можности за поместување: првата беше потребата на Обама пред изборите да покаже некој резултат, па со тоа имаше шанси да добиеме дополнителен импулс за разрешница, а втората беше колебањето на Папандреу пред локалните избори во Грција дали да го реши проблемот со името и со тоа однапред да си обезбеди изговор за евентуално лошиот изборен резултат и последователните предвремени избори. Двете шанси минаа, за НАТО и за ЕУ во Македонија никој не зборува. Резултатот е очигледен: останавме сами на пустиов остров.

Вториот индикатор дека ништо не се поместува, односно дури дека сцената се влошува, е назадувањето на квалитетот на медиумскиот простор и на јавното информирање. За ова постојат неколку причини. Прво, јасна е пораката со поместувањето за триесетина места надолу во ранг-листата на слобода на медиумите. Овие податоци не лажат. Промената е реална и се состои од комбинација на фактори: никаков национален сервис како урнек за стандардите во известувањето, концентрација на капиталот кај медиумите, што подразбира сопственичко мешање во уредувачката политика, раслојување на новинарскиот еснаф, неприродната спрега на власта со поголемиот дел од медиумите преку големи рекламни буџети, активен спин-притисок на одговорните за ПР на власта кон уредниците и новинарите и слично. Ваквата поставеност не дозволува објективно информирање. Медиумите се јавен сервис на информации, но истовремено се и бизнис, а кога тие две улоги ќе се судрат, бизнисот секогаш победува, па така соп��твениците лесно се врзуваат за власта од лукративни причини и објективноста ја фрлаат низ прозорец.

Затоа е неопходен силен јавен сервис што ќе ги подигне генералните стандарди на продукција на програма и информативна содржина. Вака, нормално е дека квалитетот на содржината на медиумите редовно ќе опаѓ��. На пример, ако ги споредиме програмските шеми на телевизиите лани и оваа година, веднаш се' станува јасно: лани имавме ЦСИ, 24, Хоусе, нови филмови и многу емисии од сопствена продукција, а оваа година имаме „Бандини“, „Долина на волците“ и „Сам свој мајстор“. Генерално, и по содржина и по објективност, македонските медиуми назадуваат. Во почетокот, во деведесеттите години, меѓународната заедница, односно најмногу САД, спроведоа сериозен проект за инсталирање независна оска на моќ како помош на развојот на македонската демократија, и во таа насока помогнаа да се формираат релативно независни медиуми, реално ослободени од политичко влијание. Дојдоа, ја завршија работата и си заминаа, а еве не' нас, десет години подоцна, како тој проект монументално го упропастуваме.

На крај, не е се' уназадено, на некои полиња има напредок. Ова најмногу се гледа во вештината со која ПР-машинеријата на власта го запоседнува пазарот на политички маркетинг. На ова поле тие покажуваат „особен интерес и успех“. Само за пример, проектот „Надеж“ е школски пример за добро изработена ПР-кампања. Прво имаше шпекулации, петстотини илјади евра за консултанти, афера „Надеж“ и слично. Потоа момците од опозицијата, невешто и нестручно, наседнаа како зелени: се излетаа со невистинита сума и слабо оправдување, за уредно да добијат „повратна“ во вид официјални документи. На крај, претседателот на партијата мораше на една мачна прес-конференција да ги вади костените од оган. Ова е класична ПР-победа на власта, која нема врска со фактите или вистината, туку е само приказ на разликата на нивото на стручност и професионалност кај двете партии во однос на политичката комуникација. Инаку, реално, власта троши околу стотина пати повеќе отколку сумите спомнати во аферата „Надеж“ и тоа директно во медиумите, што претставува пострашна ситуација, но од ова опозицијата не знае да поентира, па така власта „подот го избриша“ со нив за пет дена. Тоа реално не е добро за политичкиот дискурс, зашто означува недостиг од реална конкуренција. Иако е забавно да се гледа сепетничавоста со која опозицијата се бори со медиумската машина на власта, за демократијата овој дисбаланс на силите е погубен.

Конечно, овие феномени ќе ни се случуваат се' додека дозволуваме да ни се случуваат. Некогаш ќе мора и јавноста и медиумите јасно да стават крај на оваа ерозија. Се' додека тоа не го направиме, ќе си останеме сами на себе најголем непријател. Не треба да очекуваме дека некој постојано ќе ни биде беби-ситерка, туку мора малку и сами да си ги смениме пелените.

(Авторот е магистер

по политичка комуникологија)


#
Статијата е прочитана 1127 пати.

Испрати коментар

Од: Svetski Makedonski oKongres
Датум: 11.11.2010 12:05:14
Primenete strategija na Igor Janev vo OON Sobranieto. Proverete pravniot status vo Megunarodniot sud za pravada vo Hag.
Од: sime
Датум: 11.11.2010 16:46:09
Kakva steta si pravime treba veke da se osvestime,ama duhot ni e palanacki i unistuvanjeto nna se sto saka da odi napred e nasa stvarnost.
Од: nacional-patriot
Датум: 11.11.2010 21:52:47
Pred nekolku meseci,ovoj avtor napisa nekolku varijanti za toa kako bi mozele da se odvivaat nastanite vo ovoj period pred i posle lisabonskiot samit.Sekako deka ocekuvav negovite scenarija i pretpostavki da ne se ostvarat i navistina ne se ostvarija.Togas napisav moja varijanta i taa varijanta ispadna realna,a ne negovite.Tolku za negovata sposobnost da pravi tocni i realni analizi.Vo idnina avtorot na ovoj tekst neka napise nesto za profasisticka Atina i za nejzinite uceni i nepravedni baranja za dodavka na imeto na drzavata.Ako napise nesto za toa zaobikoleno ili voopsto ne napise za toa,togas za Petar baranjata na Atina se opravdani.
Од: Trpko
Датум: 12.11.2010 08:03:06
dosta so majtapi, sekoj izigruva komentator i strucnjak !!... rabotata e jasna, makedonija NE E prioritet za NATO kako Hrvatska ili Albanija, se ova e kuklen teatar mapet show...duri Crna Gora e pogolem prioritet za NATO od Makedonija... tragedijata e sto Makedonija NE E prioritet nitu za Rusija, taa mora da go poshtuva Srpsko - Grckoto prijatelstvo... makedonija ednstveno ostanuva nekoj si prioritet na Turcija ( po Kipar), no vo situacijava i Turcija e pritisnata.. znaci ostanuva baranje silen sojuznik vo treti drzavi, n.pr. Kina, Indija, Japan, kade nemaa grcko lobi kako vo Kanada i Avstralija, a vo zort zaman mozebi i Iran. No i tuka ne e lesno, Grcija ja vrza rabotata i so Kina, so dilot okolu Solunskoto pristanishte.. ..ostanuva datumot koga zapadnobalkanskiot voz ke odi komplet vo EU, a i Grcija lobira za toa.. Grcija nema sila da ja sopre Hrvatska da vleze vo EU pred Srbija, no nas i te kako moze.. ( a i Albanija, so koja ima malcinski prashanja)

Најди! во Утрински
Мислења






Croatian citizens sceptical of EU membership, poll reveals.
Bulgaria and Russia expected to sign gas pipe agreement
One third of cigarettes in Bulgaria are 'illegal'