Број 2875  вторник, 30 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Анализа

Европа - Балкан

Тешко, а ќе биде уште потешко

Иван Торов

Србија ја очекува драматична година во која ќе мора да прекрши - дали ќе го жртвува својот пат во Европската унија поради Косово

БЕЛГРАД - Како и сите други земји на Западен Балкан, Србија ја чека тешка година. Иако нејзините официјални личности настојуваат мрачните, пред се', економски и социјални прогнози да ги камуфлираат со дозирани пооптимистички планови и ним им е јасно дека убавите желби се едно, стварноста нешто сосема друго. Така, многу економисти со критичка дистанца спрема владата предупредуваат на неодржливост на планираниот раст од 2,5 отсто, минималниот буџетски дефицит и планираните подинамични инвестициски активности, посебно во областа на патната (Коридорот 10 кон Македонија и Бугарија), железничката и речната инфраструктура. Понаклонети се на процените дека Србија ја очекува висока инфлација, порадикално намалување на стопанската активност и зголемување на стапката на невработеност, буџетски ребаланс (поради помалите приходи) што власта веќе го најавува за првиот квартал, иако до вчера на полноќ не се знаеше дали српскиот парламент ќе го усвои буџетот за идната година или ќе се оди на привремено финансирање.

Но, проблемите на Србија не се толку во сферата на одржувањето (со помош на аранжманот со ММФ) на релативна макроекономска стабилност, колку, би се рекло, на чистиот политички терен. Нема сомнение дека годината што изминува е најдобар индикатор на конфузијата што ја создаде владејачката коалиција „За европска Србија“ околу европските интеграции. Имено, српскиот државен врв е длабоко разочаран што Спогодбата за асоцијација и стабилизација, поради неиспорачаниот генерал Ратко Младиќ на Хаг, и натаму е под „мраз“, без посериозна најава дека Холандија, а и Белгија, кои најмногу се противат на неговото „одмрзнување“ во меѓувреме би го промениле ставот. Се' помалку им се верува на ветувањата од Брисел дека Србија веќе до крајот на идната година, под определени услови, ќе биде кандидат за членство и ќе стигне на „белата шенгенска листа“. Евроентузијазмот е заменет со скепса и обвинување дека Европск��та унија води „лицемерна политика“ спрема Белград, дели комплименти, а постојано поставува некакви нови услови. Иако од седиштето на ЕУ е демантирано, српската дипломатија упорно повторува дека на нејзината држава и' се подготвува уште една стапица. Односно, дека евентуалното влегување на Србија во ЕУ би било, сосема извесно, условено со претходно белградско признавање на Косово. Затоа последниве денови од шефовите на државата и на дипломатијата, Борис Тадиќ и Вук Јеремиќ, може да се слушне дека во евентуалниот избор меѓу Европа и Косово - Србија без двоумење ќе се определи за Косово. Целата 2008 година помина во знакот на систематско јакнење на евроскептицизмот, но и радикално влошување на надворешнополитичкиот рејтинг на Србија. И поради нарушените односи со соседите во регионот - Хрватска, БиХ, Црна Гора и Македонија, и поради засилената „патриотска“, односно антизападна реторика, и поради (полу)официјалните закани дека Белград, наместо во Брисел, ќе отпатува во - Москва.

Дека последново не е наивно заплашување на Запад, дека се' поострото скршнување на Србија од европскиот пат не е политички маркетинг, се покажа минатата недела со окончувањето на повеќемесечната контроверзна продажба на Нафтената индустрија на Србија на рускиот „Гаспром“. Потписите на Медведев и на Тадиќ на т.н. покривна спогодба, со која Русија „свечено и политички се обврзува“ дека еден крак од гасоводот „Јужен поток“ ќе помине низ Србија и дека ќе се гради подземен склад на гас во Банатски Двори. Меѓутоа, не ги отстранија сомневањата дека, всушност, станува збор за политичка трговија без поопипливи (правни) гаранции дека тоа некогаш и ќе се случи. Дотолку повеќе што ни самата Русија, поради својата тешка економска и финансиска криза, се' уште не решила дали ќе тргне во изградба на „Јужен поток“, за што допрва ќе се работи студија за изводливост. Согласувањето на Србија за продажба на најпрофитабилната компанија под мошне неповолни услови, само за 400 милиони евра, ги подгреа старите обвинувања дека, всушност, станува збор за руско побарување за политичката поддршка на Србија околу Косово. Но, и за „историски момент“ кога Белград дел од својот суверенитет префрли на Кремљ.

Таквите сомневања се засилени и со најновиот судир на министерот за одбрана, Драган Шутановац, и началникот на Генералштабот на Војската на Србија, Здравко Понош, кој е отворен речиси во исто време кога „свеченоста“ во Москва е приведена кон крај. Имено, генералот јавно соопшти дека Србија нема концепција на сопствена одбрана, дека, всушност, не знае каква војска би и' била неопходна за, да речеме, десетина години. Го обвини и воениот министер дека ненаменски троши пари за модернизација на војската, што, логично, беше повод за остра полемика. Таа дополнително е стопирана со изјавата на Тадиќ дека „воените прашања не се за јавна расправа“, па се очекува тој, во својство на врховен командант, да преземе мерки. Односно, како што се очекува, да го смени „непослушниот“ Понош. Некои воени аналитичари, меѓутоа, овој спор го доживуваат како резултат на радикално променета стратегиска позиција на Србија. Пред две години тогашниот премиер Воислав Коштуница, пркосејќи му на светот поради Косово, прогласи т.н. воена неутралност на Србија, а на таа одлука мошне брзо и' се приклучи и Борис Тадиќ. Значи, напуштена е намерата на Ѓинѓиќ, Србија да се придружи кон НАТО, а деновиве работата отиде дотаму што отворено се шпекулира дека одлуката за смена на генералот Понош, кој важи за најобразован офицер и заговорник за евроатлантските интеграции, е донесена во - Москва.

Меѓутоа, власта во Белград, на самиот крај на годината, се соочува и со заканувачки социјален бунт, но и со сопствената немоќ и неспособност да даде вистински одговори за кризата која веќе ја тресе српската економија. Прилично невнимателно, владата на премиерот Мирко Цветковиќ, која, всушност, аналитичарите ја сметаат за сервис на шефот на државата и неговите советници, влезе во конфликт со синдикатите затоа што во рок од само еден месец ја потпиша, а потоа ја повлече согласноста дека од 1 јануари на вработените да им се исплатува надомест за топол оброк, регрес и превоз. Застана на страната на работодавците и самата им се придружи на нивните закани дека ќе има масовно отпуштање работници. Сега синдикалните лидери треба да одлучат дали ќе го исполнат ветувањето и ќе тргнат во масовни протести веќе во јануари.


Статијата е прочитана 1129 пати.

Испрати коментар

Од: Aleksandar Popov
Датум: 30.12.2008 08:54:58
Citat:'деновиве работата отиде дотаму што отворено се шпекулира дека одлуката за смена на генералот Понош, кој важи за најобразован офицер и заговорник за евроатлантските интеграции, е донесена во - Москва"-zavrsen citat.Vidi, vidi, Torov e 'odlicno informiran'.Gospodine Torov, ve molam argumentirano da gi iznesete vasite soznanija za ova.Mnogu jaka vest bez nikakvi argumenti, toa vo nasiot balkanski recnik se vika 'rekla kazala".Vo sprotivno tvoeto pisuvanje ce gi sledi starite konturi koi se obilno kritikuvani vo komentarite vrzani za tvoite kolumni.Pozdrav gospodine Torov od New Zealand.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Анализа