Стил
Милијардери од колепка во руски формат

Оваа година во врвот на ранг-листата на најбогати деца во Русија се Пјотр и Марина Дерипаска, на кои „папа“ ќе им остави по 20 милијарди долари
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
Бројот на „децата милијардери“, кои според наследството се веќе многу богати, во Русија рапидно расте. Таквите синови и ќерки, чие богатство преминува милијарда долари, во Русија сега се 112. Наследството што ќе им припадне вкупно изнесува 450 милијарди долари. Колку е зголемен бројот на екстремно богатите деца во Русија покажува податокот дека минатата година имало „само“ 70 деца милијардери. Тие податоци на руската јавност и' ги соопшти угледниот московски неделник „Финанс“. Неговите новинари го поделиле богатството на руските милијардери според бројот на наследниците и направиле ранг-листа на најбогатите деца. Секако, свој дел од „колачот“ барем во оваа ранг-листа не добија вонбрачните деца.
Милијардерите, како и другите „нови Руси“ различно се однесуваат, па тоа важи и за нивните деца. Тие помудро го живеат својот живот и не ја иритираат околината со тоа што демностративно ги расфрлаат парите, трошејќи ги немилосрдно. За таквите богатници и нивните деца, во јавноста малку се знае и тие не се појавуваат на „тусовки“, како што Русите ги нарекуваат гламурозните забави. На друга страна се оние богатници што сакаат да се „покажуваат“, т.е. опкружувањето да види колку се тешки. Таквите типови никаде не ги сакаат обичните луѓе.
Кога се анализира ранг-листата на богатите деца, лесно се забележува дека повеќето од нив не завршиле ни основно училиште, па е прерано да се зборува за тоа како ќе го трошат она што родителите „крваво го стекнале“. За оние што не ги сакаат богатите може да биде утеха дека искуството од Запад говори дека оние што на измамнички начин го стекнале богатството, Бог ги „наградува“ со разуздани деца или внуци, кои ќе го раскрчмат тоа што старите им го оставиле во наследство.
Оние помудрите руски богати луѓе, без оглед дали имаат милиони, или милијарди, настојуваат да ги школуваат своите деца на престижни универзитети на Запад. Токму тоа е причината што на еден број парајлии децата и жените им живеат во скапи станови и вили во Лондон, или во други европски градови. Значи, освен тоа што мрзливите жени им трошат големи пари во скапи продавници и бутици, тие се грижат колку што можат за децата што учат таму.
Патем, првпат поголем број руски деца на школување во Европа отишле во 1697 година. Петар Први испратил таму неколку ��лјади деца за да се образуваат и подоцна да помогнат Русија побргу да се развива. Пред да тргне на пат, младиот цар испратил 28 млади дворјани во Италија, 22 во Англија и Холандија. Тие имале задача да учат архитектура и бродоградба. Колкава полза имала Русија подоцна од нив не е забележано, но сигурно од луѓето што виделе свет немала штета. Во австриските дипломатски анали е запишано за доаѓањето на руските деца. Се гледа дека ни тогаш многумина на Западот не го сакале тоа што Русите заминуваат во Италија, Холандија и Данска.
Руската императорка Елисавета, во 1742 година го испратила својот 15-годишен девер грофот Кирил Разумовски на учење во Германија и во Франција. Кога се вратил во Петроград, станал претседател на Руската академија на науките. И познатиот руски хирург Николај Пирогов учел во Германија, во 17 век.
Јасно е дека и тогаш имало бонвивани, кои по прошетката низ Европа дома се враќале со празни џепови. Дали некој од многу богатите деца ќе ги надмине своите родители, кои богатството го стекнале во Русија, времето ќе покаже. Досега, ниту едно дете на руски милијардер не успеало да го докаже својот талент на Запад. Главно се запамтени по тоа што како и нивните мајки не прашуваат за цена, туку трошат без кочници.
Првиот советски милионер Артјом Тарасов вели дека руските богатници дури сега треба да научат да работат според правилата на западниот бизнис. Таму не може да се заработуваат големи пари, поткупувајќи чиновници и со разни малверзации, иако е јасно дека корупцијата ја има секаде во светот. Тарасов раскажува дека допрва треба да се очекува наследниците на богатниците, образовани на Запад, да почнат да ги инвестираат парите на своите родители и оние најталентираните сигурно ќе успеат. Ретките поединци со потекло од Русија, особено во компјутерскиот бизнис, веќе постигнале слава и заработуваат многу пари и за западни критериуми.
Оваа година во врвот на ранг-листата на најбогати деца се Пјотр и Марина Дерипаска, на кои „папа“ ќе им остави по 20 милијарди долари. Децата на најбогатиот граѓанин на Русија Олег Дерипаска, сопственик на компанијата „Базен елемент“, никого не иритираат, зашто се' уште се премали. Пјотр има седум години, а помладата сестра пет. И додека беше ерген, Олег Дерипаска не се однесувал расипнички и за него рускиот жолт печат ретко пишувал. Никогаш не бил плејбој, а и се оженил по „препорака“ за Полина, ќерката на Валентин Јумашев, поранешниот писател на книги за Елцинов, а подоцна и шеф на кабинетот и, на крајот, зет. Значи, помладата ќерка на Елцин, Тања, е маќеа на Полина, жената на Олег Дерипаска.
Минатата година најбогато дете во Русија беше синот-единец на првиот човек на „Лукоил“ Вагит Алкперов, 18-годишниот Јусуф, кој според наследството би можел да има 12 милијарди долари. Неговото наследство оваа година се зголемило на 13,5 милијарди долари и сега се наоѓа на третото место на ранг-листата. Фотографија на тоа момче досега не објавил ниту еден руски весник. Неговиот татко Вагит Алкперов е пример на мудар богатник, кој знае да соработува со власта, да ѕида деловна империја и притоа воопшто да не учествува во каква била „шмина“, па така не ја иритира јавноста.
На четвртото место на богати деца се наоѓа Лора Фридман (13), ќерка на Михаил Фридман, најмоќниот акционер на големата „Алфа група“. Наследството на Лора е тешко 11 милијарди долари. Исто толку ќе и' припаднат и на нејзината помлада сестра Екатерина (10). На шестото место се наоѓа 11-годишниот син на Искандер Махмудов, Џахангир, со 9 милијарди долари. Махмудов е сопственик на „Кузбас јаглен“ и на уште неколку фабрики, како и московски весници.
Покрај синот на Олег Дерипаска, најмладиот милијардер е најмалото дете на Роман Абрамович, Иља, кој има само пет години, а веќе има наследство од 4,6 милијарди долари. Сопственикот на Челзи и уште на многу компании Роман Абрамович, како вистински богат Евреин, има пет деца - Ана (16), Аркадиј (15), Софија (13), Арина (7) и Иља (5). Како што е познато, Абрамович е разведен и сега живее со фотомоделката Дарја Жукова, ќерка на исто така богат нафташ, кој беше обвинет за незаконска продажба на оружје во Хрватска.
Најстари деца-милијардери се синот и ќерката на сопственикот на компанијата „Систем“ Владимир Јефтушенко. Татјана има 32 години, а Феликс 30. Тие веќе се вклучени во бизнисот и немаат време за „гуљанки“ во ноќните клубови. Феликс Јефтушенков ја води туристичката агенција „Интурист“ во империјата на татка си, потоа најголемата стоковна куќа за деца „Детски мир“ и уште неколку ��ирми. Неговата сестра Татјана е советничка на претседателот на МТС, најголемата руска компанија за мобилна телефонија. Синот и ќерката на Јефтушенко имаат по 5 милијарди долари наследство.
Од милијардерските деца, најмногу во јавноста се појавуваат и за нив пишуваат московските весници, Анастасија и Иван Потањин. Нивниот татко Владимир Потањин е сопственик на компанијата „Интерос“ и неговото богатство се проценува на 21,5 милијарди долари. Анастасија (24) е трикратна светска шампионка во аквабајк. Минатата година престана да се занимава со спорт, но ја наследи помладиот брат Иван (19), кој веќе девет пати бил првак на Русија во аквабајк. Нивното наследство е по 7 милијарди долари. Анастасија и Иван, како и нивниот татко, може да се видат на спортските приредби и на монденските зимувалишта, но ниту еден весник за нив не објавил ниту еден лош збор.
Спортот го сака и милијардерот Леонид Федун, главен спонзор и косопственик на московскиот фудбалски клуб Спартак. Леонид е потпретседател на нафтената компанија „Лукоил“. Неговиот син Антон ја наследил од татка си љубовта кон спортот, па често може да се види на трибините во навивачка облека. Антон (23) и Екатерина (20) се студенти, ги сакаат спортот и музиката, но не припаѓаат на оние што прават циркуси за кои прераскажува цела Москва. Нивното наследство е по 4 милијарди долари.
Од политичарите, на листата на деца-милијардери се наоѓаат двете ќерки на градоначалникот на Москва Јуриј Лушков. За потсетување: сопругата на Лушков, Јелена Батурина, е најбогатата жена на Русија, чиј имот се проценува на повеќе од 7 милијарди долари. Нивните ќерки Јелена (16) и Олга (14) се' уште се ученички и не одат на места каде што се собира „бомондот“, но двете девојчиња имаат по 3,5 милијарди долари наследство. Од сите деца на богати и познати луѓе, најмногу скандали направиле Лиза Березовска, ќерката на милијардерот Борис Березовски, кој сега живее во Лондон, и Ксенија Собчак, ќерка на покојниот градоначалник на Санкт Петербург. Освен што беше постојан гостин на разни „вечеринки“ и ноќни клубови, Лиза Березовска има завршено и во полиција поради сомневање дека се дрогира. Сето тоа беше во времето кога татко и' беше многу моќен, па успеваше се' да измазни и да ја ослободи својата палава ќерка, сликарка по образование. По еден жур, на Лиза и' се запали скапиот стан во Москва, но татко и' многу брзо и' купи друг.
Ксенија Собчак и понатаму е на сцената на рускиот гламур. Ниту една поважна „тусовка“ не може да мине без неа. Благодарение на своите врски, таа успеа да дојде на ТВ, каде што води емисија за млади егзибиционисти. Ксјуша, како што скратено ја нарекуваат Ксенија во Русија, сака да се напие, па во ноќните клубови прави скандали. Некои московски сајтови пуштиле серија слики на разголената Ксенија, а врвот бил постигнат кога на неколку сајтови беше поставен „филм“, снимен најверојатно со фотоапарат, каде што Ксенија е во кревет со московскиот рапер Тимоти.
Многу луѓе во Русија ја сметаат Ксенија Собчак за пример на невкусот, но тоа нејзините уредници на телевизија не сакаат да го знаат, зашто очигледно мислат дека би им се замериле на властите ако ја тргнат од програмата. Имено, нејзиниот татко, додека беше градоначалник на Санкт Петербург, им беше шеф на руските претседатели: и на Путин и на Медведев. Тешко е да се поверува дека Путин и Медведев би се јавувале да интервенираат за скандалозната Ксјуша, но таа вешто ја шири приказната дека има заштитници во Кремљ.
Децата на новите богатници насекаде во поранешните социјалистички земји слично се однесуваат. Оригиналноста на Русија е само во тоа што бројките што фигурираат во нивното наследство се значително поголеми отколку каде било во Европа.
Милијардерот и политички емигрант Борис Березовски (62) повторно се разведува, овој пат по 17 години заеднички живот со сопругата Галина (49). Тој и така со години невенчано живееше со Јелена Горбунова (41), која му родила два сина. Галина беше втора жена на Березовски. Кога беше сиромашен професор по математика, бил оженет со првата сопруга Нина, со која има две деца. Нема сомнение дека Галина ќе добие милиони долари „испратнина“. Која ќе биде новата сопруга на Березовски, засега се' уште е тајна.
Оние што добро го познаваат Борис Березовски тврдат дека е многу галантен во трошењето и честењето, а посебно спрема жените. Во негово друштво, и додека живеел во Москва, се пиеле само најскапи пијалаци и се јаделе само специјалитети. Штом стекнал повеќе пари, правејќи малверзации со автомобилите „лада“, тој отворил ресторан од затворен тип, каде што ги канел луѓето кои му биле важни за некои работи. Сето тоа било во времето на владеењето на Борис Елцин и почетокот на дивиот капитализам, кога во Москва се' уште немало многу ресторани, па чиновниците поканата на Березовски ја доживувале како голема чест. Оние поважните можеле на сметка на Березовски во неговиот ресторан да доведат свои гости за да јадат и да пијат на туѓа сметка. |