Трето дете во загадена средина
Валентина Бороеви', Скопје
Ви се обраќам и се надевам дека во името на вистината ќе го објавите моево обраќање. Станува збор за протестите во населбата Јане Сандански, Општина Аеродром. Како и загрижените сограѓани, кои се истрајни во својата борба да се дислоцира бензинската пумпа од нивна близина, и мене во сета оваа состојба ме мачат повеќе нејаснотии. Прашање е дали инвеститорот „Лукоил“ има дозвола за изведување на градежните работи, бидејќи не е дадена на увид во јавноста, преку начинот на кој е изведено излагањето на ДУП-от пред граѓаните на увид за прием на приговори. Па, се шпекулира дека тука има можеби улога и митото и корупција меѓу претседатели на куќни совети, преку советници, па се' до управата на Општината.
Мојот личен револт на сето ова произлегува од дволичноста на кампањата на Владата на РМ за зголемување на бројот на населението и подмладување на демографската структура. Имено, мајка сум на две деца. И во овој општ хаос на загадувања и загадувачи се прашувам како и дали тие ќе израснат во личности со здраво тело и здрав дух. А камоли да се одлучам на трето или четврто дете.
Ако земам предвид дека мојот организам е веќе затруен, па во него сместам нов живот да се развива, па уште дополнително да го изложувам на токсични испарувања.
Што ќе се случи? Треба да бидеме подучени од искуствата од Велес. |