Запленета кеса со екстази
Поради постоење сомневање дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, охридската полиција поднела кривична пријава против С.К. (27) и П.К. (26), двајцата од Охрид.
Полицијата во петокот, по предходно добиени оперативни сознанија, кај селото Пештани при претрес на С.К. пронашла 49 таблети екстази - амфетамин. Всушност, кога С.К. ги забележал полициските инспектори, се обидел да ја исфрли ќесичката во која биле таблетките со зелена боја и натпис „Аппле“. Полицијата кај второпријавениот, односно во неговата долна облека, пронашла марихуана.
Момчињата во патничко возило „пежо партнер“, кое го управувал осомничениот П.К., биле запрени од полицијата кај Пештани. Нивната намера била да присуствуваат на техно-забава во автокампот „Градиште“.
По спроведувањето во суд, истражен судија од Основниот суд во Охрид на двајцата им одредил мерка притвор во траење од 30 дена. (Љ.С.) |