ТАЧИ И ТАДИЌ
Кој повеќе личи на Џорџ Клуни?
Пред неколку денови косовскиот премиер Хашим Тачи изјави за приштинските медиуми дека за време на една прошетка низ Њујорк, група девојки го помешале со актерот Џорџ Клуни. „По еден состанок во Обединетите нации во Њујорк, прошетав до еден ресторан покрај реката. Одеднаш се појавија неколку девојки, ми пријдоа и почнаа да викаат: ’Еј, еве го Џорџ Клуни!’. Се обидов да им објаснам дека не сум актерот, но тие продолжија да викаат – ’Џорџ, Џорџ!“, се пофали Тачи за приштинскиот дневник „Експрес“.
Додека Тачи се обидува да ги претстави пред јавноста заводничките квалитети, претседателот на Србија, Борис Тадиќ дозволи другите да посведочат за неговата сличност со Клуни. Контроверзниот премиер на Италија, Силвио Берлускони, во присуство на многубројни новинари го нарече „претседателе Клуни“, по што односот меѓу Тадиќ и Италјанецот прерасна во пријателство. Порталот „Балкан инсајт“ наведува дека битката за тоа кој лидер повеќе личи на холивудскиот заводник, доби нова фаза откако и самиот Клуни ја забележал својата сличност со Тадиќ. Сајтот пишува дека при една средба со претседателот на Србија сличностите биле впечатливи и признал дека има чувство како да се гледа во огледало. „Борис е поубав маж, но јас, за среќа, сум подобар актер“, рече во една пригода холивудскиот заводник Клуни.
На тој начин, Тадиќ и Тачи ја изедначија борбата за статусот на најголемиот заводник меѓу балканските лидери, иако на листата на најзгодните државници во светот, косовскиот политичар се наоѓа на 2.4 место, бегајќи три места пред Тадиќ. |