Родителите на капетанот Гоце Смилески не веруваат во неговата вина
Љубиша Станковиќ
Со распит на колеги, но и на родителите, вчера во Основниот суд - Скопје 1 продолжи судскиот процес што се води против армискиот капетан Гоце Смилески, обвинет за две разбојништва во експозитурата на Комерцијална банка во скопската населба Кисела Вода.
Мајорот Дарко Трајковски посведочи пред петчлениот судски совет дека имало регистриран случај на недостаток на пиштол, што бил лично вооружување на припадниците во касарната во Петровец. Сведокот рече дека тој го примил дежурството, кое според армиските стандарди се води како неуредно, бидејќи недостасувал еден пиштол. Во разговор со негов колега, кој претходниот ден бил дежурен старешина, било констатирано дека пиштолот недостасувал и еден ден пред тоа, а тој го информирал за тоа својот непосреден претпоставен. Всушност, пред дежурството на неговиот колега, како дежурен во касарната „Страшо Пинџур“ се јавува токму сега обвинетиот Гоце Смилески. Мајорот потврди дека од својот колега Зоран Атанасовски бил информиран дека пиштолот ќе бил вратен следниот ден, но дека тоа ќе се случело наредниот ден, односно кога ќе заврши неговото дежурство.
Бранителот на обвинетиот Смилески приговори на делот од исказот на сведокот во кој наведува дека исчезнувањето на пиштолот не бил констатиран во книгата за дежурства.
Во својство на сведоци вчера се појавија и родителите на обвинетиот, но тие само кратко изјавија дека нивниот син ниту ги сторил делата за кои се товари ниту дека тој можел да го стори тоа. Последен кој вчера сведочеше беше лицето Фатмир Реџеповски, исто така, колега на обвинетиот Смилески. Според овој сведок, обвинетиот, меѓу 5 и 7 мај оваа година, побарал од него пари на заем и дека дадените пари се' уште ги немал вратено.
Капетанот Гоце Смилески се најде на удар на законот по разбојништвата што се случија на 17 август минатата година и 8 април оваа година, кога беше ограбена експозитурата на Комерцијална банка во скопската населба Кисела Вода, од каде што биле изнесени 1.705.641 денар. Смилески се товари дека разбојништвата ги извршувал со својот службен пиштол.
Првиот грабеж во експозитурата се случи на 17 август лани, во 14,20 часот. Под закана со пиштол, обвинетиот од вработените успеал да одземе близу 1,5 милион денари.
Истрагата што ја водеше полицијата покажала дека на 14 август 2009 Смилевски бил дежурен старешина во касарната „Страшо Пинџур“ во скопското село Петровец. Тој од металниот сеф го зел службениот пиштол, го ставил во ранец и на крајот од работното време го изнел и го однел дома. Критичниот ден, околу 13 часот, го зел пиштолот, а со себе зел и маска „фантомка“ и ракавици. Со своето возило се упатил кон експозитурата, движејќи се притоа по улицата „Сава Ковачевиќ“, каде што и го оставил автомобилот. По кратко задржување и набљудување на околината, тој маскиран влегол во банката, од каде што заминал со богатиот плен. По ова тој се упатил кон центарот на Скопје, а во близина на Соборниот храм се пресоблекол. Со дел од парите купил девизи од една менувачница, а потоа се упатил кон Генералштабот на МО каде што уплатил 5.891,50 евра. Станува збор за враќање аванс што го зел заради службено патување во странство, а на лицето Н.Т. му вратил долг од 76.000 денари. Истата вечер обвинетиот заминал на одмор со својата сопруга, а кога се вратил, на 4 септември, на радовишанецот С.В. му вратил долг од 178.757.00 денари. Остатокот од парите биле потрошени во спортски обложувалници.
Второто дело што му се става на товар е извршено речиси на истиот начин како и првото, а пленот бил 205.641денари. Неколку дена по грабежот ја запалил облеката што ја носел при извршувањето на разбојништвото. Смилевски уплатил 13.000 денари како рата за возилото што го зел на лизинг, 30.000 денари на картичката од АД Стопанска банка - Скопје, а заменил и 750 евра и и' ги дал на мајка си кај која имал долг. И овој пат остатокот од парите биле потрошени во спортски обложувалници.
На воведното судско рочиште, обвинетиот Смилески ги негираше обвинувањата упатени на негова адреса. |