Апелационите судии на „судење“
Кривичната петорка беше сослушувана со часови и без присуство на јавноста
Гордана Дувњак
Со часови и без присуство на јавноста, петтемина скопски апелациони судии вчера беа сослушувани од комисијата на Судскиот совет што треба да ја испитува нивната одговорност за случајот со двојниот идентитет на турскиот државјанин.
Што се случувало зад затворени врати, никој не можеше да знае, но сите претпоставки беа дека ќе биде „жешко“. Прогнозите беа дека Советот ќе се претвори во вистинска судница, бидејќи судиите не само што требаше да дадат поединечна одбрана за случајот туку на крајот беше предвидено и меѓусебно соочување. Ова, веројатно, ќе биде и најинтересниот, но и најважен дел, бидејќи се говори дека некои од судиите ги смениле своите првични изјави.
До затворањето на весникот, ниту еден од судската петорка не се појави пред многубројните новинарски екипи, а без одговор остана и напорот на медиумите да издејствуваат барем некаква изјава од првиот човек на Судскиот совет, Васил Грчев. И покрај трпението на новинарите, кои со часови упорно чекаа пред зградата на Советот, Грчев не се појави, бидејќи и самиот учествувал на сослушувањето на судиите.
Петтемина судии се појавија пред зградата на Советот малку пред 10 часот. Од сиромашните информации што можеа да се слушнат во текот на вчерашниот ден од некои од членовите на Советот, кои не беа вклучени во работата на комисијата, судиите биле поединечно викани на разговор за да ја дадат својата одбрана. Сослушувањето почнало со претседателот на Кривичниот совет, Виолета Дума, која, како што се дознава, дури два часа зборувала за сите поединости околу овој случај. Веднаш по неа бил судијата-известител Владо Џилвиџиев, а потоа и останатите тројца судии од Советот: Мирјана Дуковска, Катерина Оровчанец и Исмаил Лимани.
Извори од Судскиот совет нагласуваат дека во петчлената комисија што ја предводи Неџад Ајро не биле вклучени членовите од Скопје, туку само оние од внатрешноста. Во комисијата не учествуваат ни двајцата членови по функција: министерот за правда, Михајло Маневски, и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
Инаку, ова е втор пат за конкретен случај да одговора цел Кривичен совет. Своевремено, мразот го скрши Кривичниот совет од истиот суд, кој одлучуваше за случајот „Бачило“. Но, утврдувањето на нивната одговорност заврши неславно. Една судијка од петорката исполни услови за пензионирање, друга беше унапредена со функција во Уставен суд, со што стана беспредметно да се казнуваат останатите тројца судии.
Како ќе заврши овој случај, рано е да се каже, иако во судските кругови веќе се вртат неколку сценарија. На исходот, сепак, ќе треба да се почека, бидејќи по сослушувањето, комисијата треба да изготви финален извештај со предлог, а потоа да се образложи пред целиот Судски совет. Исто како при изборот на судии, за разрешување е потребно двотретинско мнозинство или да се обезбедат најмалку 10 од 15 гласа, колку што брои Советот. |