Приватноста на увид кај тајните служби
Не е дефинирано кој, како и кога ќе има пристап до приватните информации
Миркица Поповиќ
Неопходен е контролен механизам и подобро дефинирање на измените на Законот за електронски комуникации поврзани со следење на телефонските разговори и електронската комуникација за да бидат пристојно прифатливи без да ги загрозат приватноста и другите човекови права.
Најголем проблем со предложените измени на Законот за електронски комуникации, кои ќе дозволат поголема слобода при следење лица, како што се неограничено прислушување, без судска наредба, влегување во системот на провајдерите и собирање информации без никаква најава, е тоа што владините институции, особено Министерството за внатрешни работи, е самоволното собирање информации без притоа да образложат кој, како и за која цел ќе ги користи тие информации.
Дали покрај негативната страна на овие измени, односно слободниот упад во приватните информации за граѓаните може да се оправдаат преку можноста да се следат случаи на порнографија, тероризам и нелегален трансфер на пари? Ова се дел од темите и заклучоците од вчерашната дебата за приватноста во Македонија и предложените измени на Законот за електронски комуникации во организација на фондацијата „Метаморфозис“.
Основен проблем за предложените измени е дека се недефинирани и, уште поважно, дека немаат регулирано врз основа на кој закон ќе се повикаат полицијата и тајните служби доколку одлучат да следат некого. Не се споменуваат ниту Законот за кривична постапка, ниту Законот за следење комуникации или Законот за внатрешни работи.
Според професор Јован Јовчевски, со измените на Законот со кои им се дава овластување на полицијата и тајните служби да имаат слободен, постојан и директен пристап до приватните информации, ќе има огромна инвазија на приватноста, до тој степен што не постои можност за интервенција за законот да добие соодветна форма. Нужно е, како што вели Јовчевски, да се дефинира што опфаќа кај нас терминот „електронска комуникација“.
Тој тврди дека Законот е спротивен со нашиот Устав, но и со законите на ЕУ и Европскиот суд за човекови права. „Народот не е ни свесен за бесконечните можности за следење“, истакна Јовчевски, потенцирајќи дека кај нас нема осет за правична одговорност и оти Законот сигурно нема да биде одобрен од ЕУ.
Тито Петковски од НСДП истакна на дебатата дека иако се' уште нема пишано мислење од делегацијата на ЕУ во Скопје, нивниот став е дека предложените измени не смеат да бидат дел од содржината на Законот за електронски комуникации. Петков��ки истакна дека во компаративното право на ЕУ досега не постои сличен случај на овој.
Генерално, во македонскиот Интернет-простор многу малку внимание се обрнува на приватноста. Истражувањето на „Метаморфозис“ покажува дека од 14.000 македонски домејни регистрирани во Марнет, само 41 веб-страница има политика на приватност, која објаснува зошто се бараат лични податоци, дали ќе се зачуваат и со каква цел.
Понатаму, од 1.703 македонски веб-страници од директориумот на „маседониа срч“, само 25 имале политика на приватност, додека, пак, од 165 активни страници на државните и на општинските институции кои го користат доменот „гов.мк“ ниту една нема политика на приватност. „Има случаи на користење странски Интернет-сервиси за електронска пошта од страна на вработените во државните и општинските служби наместо професионалните, со што личните податоци на граѓаните кои ги контактираат се ставаат надвор од јурисдикцијата на надзорните тела во државава“, забележа Филип Стојановски од „Метаморфозис“.
Интересна беше коментарот на Јулијана Прчковска, главна уредничка на „Клик магазин“, дека покрај негативните страни на предложените измени, треба да се види и на позитивните, односно олеснатото следење криминални активности, како што се порнографија, тероризам и трансфер на пари.
Од Дирекцијата за заштита на лични податоци, која, исто така, го поддржува ставот дека овие измени претставуваат кршење на правото на приватност, веќе побарале од Собранието да се преоцени рокот за чување необработени податоци за собраќај и од 24 месеци да се смени на шест месеци, како што е практика во голем број европски држави. (М.П.)
|