Македонија со флип-флоп дипломатија
Соња Крамарска
Парламентарната Комисија за надворешна политика во четвртокот усвои заклучоци со кои без малку целосно се стави на страната на Турција во врска со неодамнешниот инцидент во меѓународните води со хуманитарната помош на палестинското население. Иако во заклучоците доминираа формулации на осуда на насилството, како што се претходно изнесените позиции на МНР во врска со инцидентот, самата дискусија отиде во правец на експлицитна поддршка на Турција и осуда на Израел.
Турскиот амбасадор, Арслан Хакан Окчал, најавен како гостин на Комисијата во проштална посета пред неговото заминување од функцијата, своето присуство целосно го посвети на неодамнешниот инцидентот со флотилата, а во дебатата што се отвори од македонска страна не се штедеа зборови за поддршка на Турција.
Елитно пратеничко друштво на владината коалиција - претседателката Теута Арифи, шефицата на парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, и сопартиецот Васко Шутаров, и коалициската партнерка Лилјана Поповска, во трката кој да му изрази поголема поддршка на гостинот, користеа термини како „меѓународна мировна мисија“.
„Се приклучуваме кон Резолуцијата на турскиот парламент, кој побара извинување од Израел и изведување на виновниците пред суд“, рече Силвана Бонева. „Изразуваме поддршка кон граѓаните на Турција“, додаде претседателката на Комисијата, Теута Арифи.
Овие формулации предизвикаа незадоволство од некои членови на Комисијата кои се дел од владејачката коалиција, нарекувајќи го излагањето на Бонева претерано и дека „ја надминува рамката на дипломатска реакција на Министерството за надворешни работи“. Членот на опозициските социјалдемократи Никола Ќуркчиев ја нарече дискусијата на владините пратеници „мизерна и несоодветна на претходно изнесената државна реакција“ кон инцидентот во Средоземно Море.
Само пред три дена кога се случи инцидентот во кој учествуваа и тројца македонски државјани, Министерството за надворешни работи на Македонија издаде соопштение во кое не се стави на ниедна страна. Во соопштението внимателно се употребени неутрални формулации дека се осудува насилството како метод и дека политиката треба да се води низ дијалог.
Од каде тогаш овој пресврт во интонацијата и кој ја води надворешната политика на Македонија - парламентарната Комисија или Министерството за надворешни работи?
Комисијата за надворешна политика на македонското Собрание усвои специјални заклучоци што ќе и' бидат доставени и на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент и до Комисијата на парламентот на Република Турција.
Советот за без��едност при Обединетите нации, веднаш по инцидентот, одржа повеќечасовна седница на која најмногу време се потроши на барање компромис околу формулациите на соопштението. Со компромисот е изразено жалење за жртвите и е побарана целосна независна истрага за инцидентот во меѓународните води.
Министрите за надворешни работи на Израел и на Турција, Авигдор Либерман и Ахмет Давутоглу, неодамна беа во Македонија и беа примени со највисоки почести.
Но, односите со Израел во овој случај не се најважната работа. На преден план излегува македонската надворешна политика, која за четири дена артикулираше во нијанса различни ставови во однос на инцидентот. Тие ставови се движат од осуда на израелските командоси (изјава што ја даде Милошоски во својство на претседавач со Советот на Европа во Стразбур), неутрално соопштение во кое се осудува насилство и се поттикнува дијалог, до експлицитна поддршка за Анкара, која резултира со директна комуникација меѓу двата парламента.
Безрезервната поддршка што ни ја дава Анкара е неспорно за голема почит, бидејќи Турција и' е вистински пријател на Македонија. Но, очигледно во се' похаотичната македонска дипломатија секој сака да стави свој зачин во зависност од моментот. |