25.05.2012, 20:56 Смени го каналот
Ако е А2, црно-бело во боја да е!
Јасминка Павловска
Ако не се случуваше Евровизија, вероЈатно настан на неделата во македонскиот ТВ-етер ќе беше враќањето на „отпишаните“, т.е. А2 - телевизија
„Ништо во животот не развеселува толку, како кога не' гаѓаат, па ќе не' промашат“. (Винстон Черчил)
По влегувањето во финалето на Евроовизија 2012, Калиопи во Баку веројатно се чувствува како Винстон Черчил. Сите што ја „гаѓаа“ со скептицизам, сомневање и потсмев, за миг се замолчани, барем до завршувањето на Евровизијата во Азербејџан. Зашто се', освен победа, остава простор за малициозности. Барем кога станува збор за Евровизија и Македонија. А од победата на Евровизија, покрај дежурните „антипротивници“, се чини најмногу стравува МТВ. Ако, и само најхипотетско „ако“, победи Калиопи, по редот на нештата МТВ ќе треба да ја организира големата Евровизија, а тие го откажаа и локалниот фестивалски избор за домашен претставник. Туку, тие (МТВ) ќе си го најдат чарето - ќе ја зголемат претплатата, пардон, радиодифузната такса, па пак ние ќе си ја платиме Евровизија. Затоа апел до Калиопи - нека прави што ќе прави, нека менува гардероба од црно во бело, ама најмногу да дојде до второто место! За да ги гледаме МТВ по стара цена, на црно-бело во боја!
Во четвртокот вечерта сериозна беше дилемата на ТВ-гледалиштето дали воопшто да ја испочитува МТВ на Евровизија, или да си ја добие редовната доза од серии. И веројатно најголемиот број го виделе само настапот на Калиопи, па потоа си бркале работа со далечинскиот управувач. Сепак, по пласманот на Македонија во евровизиското финале, изгледни се шансите вечерва гледаноста на МТВ да биде поголема. Ако изминатава недела не видовме на телевизија дека влегуваме во НАТО, барем да погледнеме како е да се биде во некое европско финале!
И повторно во ТВ-разгледов на изминатата недела ми се наметнува една условна реченица. Ако не се случуваше Евровизија, веројатно настан на неделата во македонскиот ТВ-етер ќе беше враќањето на „отпишаните“, т.е. А2 - телевизија во петокот на 18 мај . Всушност под закана за целосно отпишување на фреквенцијата од Советот за радиодифузија, А2 со итна постапка организираше дебата за Студио 19. Се чини и темата, и гостите беа избрани под притисок на заканата за гаснење на фреквенцијата од Советот за радиодифузија, како најбрзи и најлесни за реализација. За што инаку најлесно се зборува ако не за себе, т.е. за својата мака? Па како за ново сефте на А2 беа повикани претставничките од двете (спротивставени) новинарски асоцијации на Македонија, плус еден експерт, плус еден Јофе со лаптоп за поплаки и пофалби... И не дека гостинките беа дојдени неподготвени, но изгледа мислеа дека доаѓаат на пријателски терен, па агресивниот и по малку непријателски став на водителот Ацо Кабранов, очигледно ги стави во тесно. Па кој од гостите како се снајде, но Кабранов никако да попушти со строгоста и цинизмот, што дури и колешка му, ководителка Билјана Секуловска како да почувствува потреба да ги заштити соговорничките. Како за сефте, пишман се сторија гостите на првото Студио 19 на А2! Тоа беше толку забележливо, што човек инстинктивно го бара далечинскиот, колку-толку да се спаси од непријатната ситуација во која се нашле некои други луѓе! За среќа, почетокот заврши, а за продолжението на А2 очигледно ќе биде потребна многу, многу среќа - и за правење и за гледање, колку и да му се става боја на црно-белото! |