Пејлин против Обама во 2012
ВАШИНГТОН - Американскиот потпретседател Џо Бајден во четвртокот изјави дека претседателот Барак Обама ќе помине добро во потенцијалната трка за Белата куќа во 2012 година против републиканката Сара Пајлин. За време на интервјуто во „Лари Кинг во живо“, на Си-Ен-Ен, Бајден изјави дека лично му се допаѓа Пејлин и смета оти има добри шанси за освојување на републиканската номинација за претседател. „Без разлика дали е републикански сенатор или републикански политички лидер, јас би погледнал и би рекол: ’Почекајте, таа има добра шанса да ја добие номинацијата‘“, изјави Бајден.
Пејлин, поранешна гувернерка на Алјаска и кандидатка за потпретседател на републиканецот Џон Мекејн во претседателската трка во 2008 година, е популарна личност меѓу конзервативното политичко движење Ти парти. Демократот Бајден изјави дека тој и Пејлин имаат фундаментално различен поглед за светот. На прашањето за потенцијалното соочување меѓу Обама и Пејлин во 2012 година, Бајден одговори: „Јас никогаш никого не потценувам. Но, сметам дека во таа трка тоа ќе биде јасен, јасен избор што земјата ќе треба да го направи, а верувам дека претседателот Обама ќе биде во многу добра форма“. Пејлин во интервјуто објавено неделава на Еј-Би-Си изјави дека верува оти може да го победи Обама. (Ројтерс)
|