19.11.2010, 16:24 НАТО во потрага по нова стратегија
Треба да се стави на хартија за што ќе се залага и какви цели ќе има Алијансата до 2020 година
Во Лисабон вчера почна самитот на НАТО. Шефовите на држави и на влади на земјите-членки на Алијансата се исправени пред историски одлуки - нова стратегија на НАТО, план за повлекување од Авганистан.
На самитот во Лисабон НАТО треба да ги постави темелите за својата идна работа. Со постигнувањето согласност за нова стратегија би требало да се замени документот за дејствувањето на НАТО, кој е стар 11 години. Алијансата во новиот документ треба да стави на хартија за што се залага и какви цели ќе остварува до 2020 година. Но, 28 шефови на држави и на влади претходно треба да решат низа проблеми. Турција, според дипломатски извори, за да даде согласност за противракетната одбрана бара пари и влијание. Таа прави блокади за едно од централните прашања на стратегиската соработка меѓу НАТО и ЕУ, и тоа поради прашањето на Кипар. Освен тоа, Германија и Франција не се согласуваат околу прашањето на атомско разоружување. Германија во противракетната одбрана гледа шанса за атомско разоружување, додека Париз инсистира на значењето на нуклеарните арсенали и тоа сака да го види напишано и на хартија. Противракетната одбрана би требало да ги заштити земјите- членки на Алијансата од напади, а како главен противник важи Иран.
Што се однесува од односот на Алијансата со Русија, НАТО има намера да стави крај на ледената доба.
„Време е за нов почеток во односите меѓу НАТО и Русија. Лисабон е местото каде што овој нов почеток може да стартува“, изјави генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.
Американскиот претседател, Барак Обама, во Лисабон доаѓа политички ослабен, по поразот на неговата Демократска партија на изборите за Конгресот. Во Вашингтон е во опасност ратификацијата на договорот СТАРТ за атомско разоружување. Обама изјави: „Во интерес на националната безбедност договорот мора да се ратификува уште годинава“. Но, зајакнатите конзервативци во Вашингтон се на курс на блокада. Договорот СТАРТ не е на дневен ред на самитот на НАТО, но на него се гледа како на важен елемент во односите со Русија. Претседателите на САД и на Русија, Обама и Медведев, го потпишаа во април годинава, а тој предвидува намалување на нуклеарните боеви глави од 2.200 на 1.550 во наредните седум години.
Програмата на самитот во Лисабон е многу обемна. Домаќинот, португалскиот премиер Жозе Сократес, изјави: „Овој самит сигурно ќе биде еден од најзначајните во историјата на НАТО“. Португалците за обезбедување на учесниците на самитот ангажираат 10.000 припадници на безбедносните сили. Владата го стави привремено Шенгенскиот договор надвор од сила и на границите врши контроли. Ограничен е и воздушниот сообраќај над Лисабон. (Дојче веле)
|