14.09.2012, 11:50 Стефанов: Заминувам од лични причини, но останувам во репрезентацијата
Директорот на македонската кошаркарска репрезентација во обраќање до јавноста по повод реакциите во медиумите по објавувањето за неговото заминување во Италија
Подолго време размислував пред да заминам од мојата родна земја, бидејќи тука се моите најблиски. Не беше лесно да се одлучам на овој потег, кој е испровоциран единствено од лични бизнис причини, кои воопшто не се поврзани со моето спортско функционирање во Македонија.
Директорот на македонската кошаркарска репрезентација, Врбица Стефанов, во обраќање до јавноста по повод реакциите во медиумите по објавувањето за неговото заминување во Италија истакнува дека продолжува да работи во Римини, во кампот на една од најдобрите младински школи во Европа и тоа е голем чекор напред за него.
- Но, секогаш ќе бидам максимално посветен на извршување на моите обврски во репрезентацијата на Македонија, кои никогаш не беа доведени во прашање, стои во обраќањето на Стефанов, каде нагласува дека и покрај преселбата во Римини, останува во контакт со луѓето од Македонската кошаркарска федерација и со репрезентативците.
Комуникација со луѓето од Федерацијата, додава, ја задржуваме на највисоко ниво, сконцентрирани само на она што претстои - ЕП во Словенија.
- Контактите со тимот, со сите играчи, со целиот стручен штаб и сите кои го опкружуваат, никогаш не биле спорни, ниту пак ќе бидат. Секогаш ќе бидам достапен за пријателите, за оние кои секогаш беа достапни за мене, истакнува Стефанов.
Тој упатува апел до целата македонска јавност да продолжи со поддршката за репрезентацијата.
- Националниот дрес е светост, гордост. Додека го прифаќаме како таков, сите вклучени во репрезентативниот тим, а тука ја гледам и македонската јавност, која има огромна заслуга во сите наши, заеднички успеси, насоката е само напред. Се гледаме во Словенија, порачува Врбица Стефанов.
|