15.09.2012, 17:28 Измамник од Германија ветувал вработувања во странство
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 28-годишниот Ј.К. од Берлин поради основано сомнение дека сторил кривично дело „измама“.
Тој со намера за себе да прибави противправна имотна корист со лажно прикажување и прикривање на факти на околу 20-тина лица од Охрид и од други градови во Македонија им ветувал дека може да им обезбеди работни визи за Германија, Австрија и Швајцарија, за што им наплатувал од 450 до 500 евра. Со тоа тој нелегално се стекнал со противправна имотна корист од околу 10.000 евра.
Во текот на јуни и јули годинава престојувал во Охрид каде регистрирал фирма за посредување и вработил лица преведувачи од германски и англиски јазик. Отворил телефонски сервис, изработил флаери и во неколку медиуми дал оглас за вработувања. Со многубројните заинтересирани граѓани, остварувал средби и разговори, по што изготвувал обрасци со потребните податоци за кандидатите и со нивните работни познавања по што им давал уплатници за уплата на 450 до 500 евра во зависност во која земја сакале да аплицираат. По барање на кандидатите за некаква гаранција и заштита, изготвувал писмени изјави во кои се обврзувал да обезбеди работни визи, а доколку се јават проблеми, ќе им врател 380 евра. Останатите 120 евра ќе биле покритие за направените трошоци по амбасадите. Писмените гаранции ги заверил кај нотар, а потоа ја напуштил Република Македонија.
|