14.09.2012, 14:15 Попоски: Македонија е конструктивна кон соседите
Шефот на македонската дипломатија ги отфрли тврдењата на портпаролот на грчкото МНР, дека Македонија е неконструктивна и има недозрабирања со сите соседи
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски ги отфрли тврдењата на портпаролот на грчкото МНР Грегори Делавекурас, дека Македонија е неконструктивна и има недозрабирања со сите соседи.
- Не мислам дека ја рефлектира реалноста. Можеби се базира на желба за креирање одредена перцепција. Она што Македонија го прави во надворешната политика е исклучително констуктивно и европски...Обиди за креирање негативна клима во контекст на добрососедски односи се непродуктивни. Единствен параметар по кој треба да се оценува кој како се однесува во рамки на добрососедски односи се конкретни гестови, односно одговарање на иницијативите и приклучување на нив, рече Попоски.
Посочи дека Македонија се` уште нема добиено никаков одговор за сите нејзини иницијативи - и за средби и за конкретни проекти што, според него, е првиот чекор за да се покаже конструктивност.
- Македонија кон секој сосед пристапува со конструктивност и градење мостови. Сакаме да ги срушиме бариерите кои постојат, рече Попоски.
Тој не ги коментира упатствата од страна на Грција како да се именува Македонија и во контекст на тоа ја посочи пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг како единствен релевантен документ по тоа прашање. Таа, вели, е многу јасна и би го повикал секој да ја прочита пред да наметне одредено видување во однос на користење име или именување.
Во однос на поставувањето „црвени линии“ и од Бугарија со кои би се попречила евроинтеграцијата на Македонија, министерот рече дека е апсурдно од која било членка на ЕУ да ги попречува другите земји кои се на патот за приклучување.
- Со сите соседи сакаме да градиме конструктивни односи. Целта ни е да бидеме дел од ЕУ заедно со нив и само со таков пристап можеме да градиме подобра клима во регионот. Никој нема придобивка од создавање конфликтни ситуации, а мислам дека најмалку би било оправдано земја-членка од ЕУ, која и да е, да го попречува патот на приклучување на својот сосед. Придобивката ќе биде заемна и во тој контекст ќе ги градиме нашите односи, рече Попоски. Посочи и конкретни иницијативи кои ја потврдуваат отвореноста на Македонија за соработка со Бугарија, како обезбедените финансии за реконструкција и градба на железничко и интезивната работа на автопатско поврзување.
За претстојната посета на еврокомесарот за прширување Штефан Филе кој в понеделник доаѓа во Скопје на третата серија разговори во рамки пристапниот дијалог на високо ниво, Попоски нагласи дека најбитната порака што ќе ја испрати македонската страна е дека Македонија се однесува како сериозен и кредибилен европски партнер, земја која ги исполнува критериумите и треба да почне преговори.
- Ќе имаме можност тоа во понеделник да го потвдриме. Го очекуваме извештајот што Европската комисија го подготвува во моментов. Мислам дека таа ќе ја отслика реалната ситуација и за нас најбитното е да добиеме поддршка од земјите-членки за конечно да се задржи кредибилитетот на ЕУ во поглед на проширувањето, особено во однос на Република Македонија која треба да го добие оваа година почетокот на преговорите, истакна шефот на дипломатијата.
Попоски рече дека целта е да се испорача што е можно повеќе, посуштински, клучни и најтешки реформи зашто се што ќе биде исполнето во овој период, ќе го скрати периодот за преговори од оној момент кога ќе добиеме и официјална покана за почеток на преговори.
Евроамбасадорот Аиво Орав очекува успешна посета на Филе во понеделник. - Дијалогот на високо ниво е многу важен за државата, за Владата и за опозицијата, за невладиниот сектор, за обичните луѓе. Секој гледа на различен начин, но никој не може да каже дека тоа не е важно и затоа се надевам на успех, изјави Орав. |