14.09.2012, 13:29 Инфлацијата ја креваат цените на храната и на нафтата
За годинава се очекува просечната инфлација да биде нешто под 3 отсто
Гувернерот на Народна банка на Македонија Димитар Богов потенцира дека инфлацијата во август изнесувала 3,7 отсто, но просекот за првите осум месеца е околу 2,5 проценти, а за годинава се очекува просечната инфлација да биде нешто под 3 отсто. Според него, очекувањата за наредната година се исти, но се' зависи од цената на храната и нафтата. Тој истакна дека македонската економија не е имуна на глобализацискиот процес и ги чувствува бенефитите, но и последиците од она што се случува во светот, а посебно во Европската унија. Богов говореше на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на меѓународната конференција на тема „Либерализација, глобализација - предизвик на светот што се менува“.
„Секако дека не можеме да влијаеме, бидејќи сме мала економија, а прашање е и дали поголеми економии од македонската воопшто можат да влијаат на тие светски процеси. Меѓутоа, секако дека треба да ги знаеме сите позитивни, но и негативни страни и да бидеме подготвени во секој момент да знаеме како да се заштитиме од негативните импликации од глобализацијата, која е неизбежна и која се случи и нема враќање назад“, рече Богов. |