15.09.2012, 17:05 СДСМ: За рецесијата е виновна лошата економска политика на Владата
СДСМ смета дека тоа што Македонија влезе во рецесија е резултат на лошата економска политика што ја води Владата, и оти, како што велат во партијата, и другите два пати кога земјава била во рецесија на власт била ВМРО-ДПМНЕ.
- СДСМ за тоа зборуваше со месеци. Кога минатата година Владата на премиерот Груевски гордо и самоуверено тврдеше дека македонската економија годинава ќе има раст од дури 4,5 проценти, ние рековме дека тоа нема да се случи. Кога Владата со ребалансот ја намали проекцијата од 4,5 на 2,5 проценти, рековме дека и тоа нема да се случи. За да се оствари ова предвидување на Владата, до крајот на годинава македонската економија треба да има раст од дури 6%, ама на сите ни е јасно дека тоа нема да се случи. , истакна на денешната прес-конференција Зоран Јовановски од СДСМ.
Според СДСМ рецесијата во Македонија не е резултат на рецесија во Унијата, бидејќи таа, како што рече Јовсновски, според официјалните податоци не е во рецесија.
- Случувањата во македонската економија се сериозно лоши и опасни. Она што загрижува е дека падот во периодот април-јуни годинава не се должи на проблемите на една гранка или сектор, туку тој е широко распространет низ целата македонска економија. Пад има во индустријата, но и во градежништвото, пад има во трговијата, но и во сообраќајот, истакна Јовсновски.
Затоа, рече, од Владата се бара да престане да ги задолува граѓаните и расипнички да троши.
|