14.09.2012, 15:08 Почина Драган Тумановски, судија во Врховниот суд
Судијата во Врховниот суд на Република Македонија Драган Тумановски почина денеска на 60 годишна возраст.
Посмртните останки Тумановски ќе бидат изложени утре во Капелата на гробиштата Бутел од 12:00 до 13:00 часот, а закопот ќе се изврши во 13:00 часот.
По тој повод Врховниот суд на Република Македонија ќе оддржи комеморативна седница в понеделник, на 17 септември, со почеток во 12:00 часот.
Драган Тумановски е роден на 18.11.1951 година во Струмица каде што завршил основно образование и гимназија. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје како најдобар студент на генерацијата за што е добитник наградата на универзитетот "Св.Кирил и Методиј" во Скопје.
Во 1997 година е избран за судија на Врховниот суд на Република Македонија, каде што работеше до денес.
Тумановски е непосреден учесник во изработката на повеќе закони од областа на судството, ги водеше експертизите пред Советот на Европа за Законот за судовите, за Кривичниот законик, за Законот за кривичната постапка и за Законот за парничната постапка.
Тој има објавено преку 100 трудови во повеќе стручни списанија: Судска ревија, Правник, Безбедност, Ревија за кривично право и криминологија.
Во 2005 година Тумановски е добитник на награда на градот Струмица. Носител е на Орден на трудот со сребрен венец.
|