14.09.2012, 15:12 Пандев: Хрватска и Србија ќе паднат во Скопје
Македонскиот капитен оптимист пред октомврискиот двомеч од мундијалските квалификации
Осоколен од игрите на стартот од квалификациите за Светското првенство 2014 во Бразил, најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев со оптимизам ги очекува претстојните дуели со Хрватска и со Србија на домашен терен. „Коцкестите“, кои не' победија со 1:0 на „Максимир“, ќе гостуваат на „Филип Втори“ на 12 октомври, а четири дена подоцна на националната арена ќе истрчаат и репрезентативците на Србија.
„Игравме добро, имавме многу шанси, а освоивме само еден бод на овие две тешки гостувања во Хрватска и во Шкотска. Се надевам дека со повеќе среќа и со иста желба за победа како на претходните натпревари, како и со нашиот 12. играч - публиката, ќе паднат големите фаворити Хрватска и Србија. Напред Македонија!“, стои во порака на Пандев на неговиот профил на „Фејсбук“.
Македонија во Скопје има победа над Хрватска од 2:0 пред пет години во квалификациите за Европското првенство 2008, како и реми 1:1 во 1999 година исто така во квалификации за ЕП. Против северниот сосед, пак, „црвено-жолтите“ немаат победа на свој терен: во квалификациите за ЕП 2000 изгубивме со 4:2 од тогашна СР Југославија, една година подоцна повторно пораз од СРЈ од 2:1 во пријателски меч, а пред четири години беше 1:1 исто така во пријателска средба.
Настапите на најдобрите македонски фудбалери во Загреб и во Глазгов не останаа незабележани ни од медиумите и од љубителите на спортот во земјите што ни се противници во квалификациската група А за мундијалот во Бразил. Во анкетата на хрватскиот весник „24 часа“, на пример, Македонија, покрај Белгија, е најпријатното изненадување во групата. за Белгијците гласале 27 отсто од анкетираните, а за македонскиот тим еден процент помалку.
„Најпријатно изненадување! Единствени двата натпревара ги одиграа на гостински терен и кој ќе успее да го земе целиот плен во Скопје, тој со една нога ќе биде на Светското првенство. Силно ги изнамачија ’огнените’, а и бодот од Шкотска е малку со оглед на прикажаното на теренот. Да имаат некој играч повеќе од екстра-класа во тимот покрај Пандев, би биле сериозен кандидат за завршницата на СП. Вака, веројатно ќе успеат да освојат двоцифрен број бодови, но тоа ќе биде доволно максимум за третото место во групата“, пишува „24 сата“.
Освен со Македонија, Хрватите се занимаваат и со атмосферата во својата репрезентација, која не само што не е на високо ниво, и покрај успешниот старт на квалификации��е со четири бода од дуелите со Македонија (1:0) и со Белгија (1:1), туку на повидок е пуч против селекторот Игор Штимац. Тиквата пукнала неколку часа пред гостувањето во Брисел, кога Ведран Ќорлука му кажал на селекторот дека не може да игра, иако тој веќе го ставил во составот, бидејќи без проблеми го одработил тренингот претходниот ден. Иван Ракитиќ, кој беше изваден од игра во мечот со Македонија, се споменува како уште еден на листата незадоволни, на која, наводно, се и Ивица Олиќ и Едуардо. (Р.Д.)
|