10.09.2012, 13:00 Контадор ја освои Вуелта
За Шпанецот победата во најголемата домашна трка е вистински камбек по допинг-суспензијата поради што загуби две титули
Шпанецот Алберто Контадор го потврди својот статус како најдобар тркач на етапни трки откако стигна до својата втора титула Вуелта Еспања, што е негова петта победа на големите три трки. За 29-годишниот велосипедист победата на најголемата домашна трка е вистински камбек на највисоко ниво, откако комплетираше допинг-суспензија на 5 август годинава.
Контадор беше позитивен на минорно количество на забранетата супстанција кленбутерол на вториот ден на одмор на Тур де Франс 2010 година, и иако продолжува да тврди дека е невин, по долга легална битка ја загуби титулата од ТДФ 2010 и од Џиро Д’Италија 2011 година во февруари. И без тие две титули, тој има пет големи круни - Тур де Франс во 2007 и 2009 година, Вуелта во 2008 и 2012 година и Џиро Д'Италија во 2008 година.
„Оваа победа ми е посебно драга, особено поради се' што се случуваше пред трката. Голема благодарност до сите што ми помогнаа, затоа што по многу долг период дојдов без претходни трки, а во меѓувреме работите беа многу комплицирани“, изјави Алберто Контадор.
Контадор ја прослави победата на улиците на Мадрид, откако германскиот спринтер Џон Дегенколб ја доби етапата. Шпанецот ја осигура круната на претпоследната етапа на Бола де Мундо, по што неговиот Саксо Банк тим не дозволи да му се случи некое непријатно изненадување на церемонијалната трка во Мадрид.
Сајмон Кларк (Орика Грин Еџ) ја освои титулата како „крал на планините“ со одличната трка, додека Мовистар победи во пласман на тимови пред Еускалтел Еускади. Дегенколб, и покрај петте етапни победи не стигна до зелената маичка за пласман на поени, која отиде како утеха кај Алехандро Валверде.
|