11.09.2012, 13:00 Мекларен нема план Б ако си замине Хамилтон
Тимскиот шеф Витмарш размислува само за тоа како да ги задржи возачите и в година
Во Мекларен инсистираат дека воопшто не трошат време за размислување кој би го заменил Луис Хамилтон ако Британецот избере да се пресели во редовите на Мерцедес следната година. Пред преговорите меѓу Мекларен и претставници на менаџментот на Хамилтон во обид да се потпише нов договор за 2013 година, тимскиот шеф Мартин Витмарш откри дека единственото нешто што го интересира во моментов е задржувањето на своите сегашни возачи в година.
„Не сум ни помислил за план Б“, одговори тој на прашањето за алтернативите ако не може да се постигне договор со Хамилтон. „Ние сакаме Луис да остане, односно сакаме да остане ако тој сака да остане. Имам многу приоритети во смисла на напорите да се освои шампионатот, па ги распределувам своите време, енергија и фокус на тие работи. Една од нив е да се направи болидот побрз и подобар, друга е справувањето со сите оперативни прашања за да се обезбедиме од правењето грешки и трета е справувањето со своите возачи. Но, дали сум во право или грешам, сепак, не сум потрошил многу енергија на темата за возачите“.
Витмарш изјави дека не е изненаден од тоа што менаџментот на Хамилтон контактира со противнички тимови, додавајќи дека би било пошокантно ако тие не разгледуваат и други опции.
„Падокот е мал и тие мора да бидат забележани за да ја вршат својата должност, така што не сум изненаден“, вели тој. „Факт е дека имам некои сознанија за тоа што се случува“.
Прашан дали било откритие кога поранешниот тимски шеф Еди Џордан тврдеше дека Хамилтон веќе се договорил со Мерцедес, Витмарш одговори: „Не мислам дека станува збор за откритие, туку за фантазија“. |