10.09.2012, 13:09 Металург надмоќно до групите од Лигата на шампионите
Македонскиот првак го декласира домаќинот Хаслум со 30:20 во финалето на турнирот во Норвешка
Ракометарите на Металург четврти пат, вторпат едноподруго, ќе играат во групната фаза од Лигата на шампионите, откако супериорно триумфираа на квалификацискиот турнир во Норвешка. Во финалето одиграно во местото Рикин близу Осло македонскиот првак славеше со 30:20 против домаќинот Хаслум, кој го победи, но тогаш минимално, и во квалификациите за ЛШ минатата сезона одржани во Тел Авив. Составот на Лино Червар ќе биде дел од третата група од најсилното европско натпреварување, во која ќе стартува на 30 септември во Франција против Шамбери. Другите ривали се Бјерингбро-Силкеборг од Данска, Горење Велење од Словенија, Виве Тарги Кјелце од Полска и Санкт Петербург од Русија, а во осминафиналето ќе се пласираат четирите најдобри екипи од групата.
„Металурзите“, кои во полуфиналето ја совладаа Алпла Хард од Австрија со 25:19, доминираа во текот на целиот финален дуел, во кој решавачка се покажа серијата од шест гола на почетокот за водство од 8:2, а победникот беше решен со нова серија од 5:1 за предност од 16:7 пред крајот на првото полувреме. Филип Миркуловски постигна шест гола во овој период од средбата, вкупно осум на крајот, а се' што успеаја домашните да сторат е во два наврата во вториот дел да намалат на минус шест (19:13 и 22:16). Но, гостите од Македонија немаа намера да му дозволат на норвешкиот шампион сериозно да се приближи, па три минути пред крајот имаа и 11 погодока предност. Последните три гола за Металург ги даде Милан Левов.
Натпреварот за третото место што води во реформираниот Куп на ЕХФ го доби Алпла, која го беше подобра од украински Динамо Полтава со 29:23. Преку квалификациите до групите од ЛШ се пробија и Партизан и Констанца, чиј тренер е македонскиот селектор Звонко Шундовски и за која игра репрезентативецот Бранислав Ангеловски. Тој не се впиша во листата на стрелците во финалето со Татран Прешов (26:21), а во полуфиналето со Бозен (33:22) даде еден гол.
Во ЛШ ќе играат и Динамо Минск, кој славеше и во двата дуела од баражот со Бешикташ, како Хамбург, кој триумфира на вајлд-кард турнирот во Сан Рафаел, Франција. (Р.Д.)
Металург – Хаслум 30:20
Полувреме: 16:8. Сала: „Рикинхолен“ во Рикин. Гледачи: 1.150. Судии: Коен и Перец од Израел. Седмерци: Металург 2/2, Хаслум 1/2. Исклучувања: Металург 8 мин., Хаслум 4 мин.
Металург: Станиќ, Ангелов, Левов 3, Димовски 2, Наумовски, Георгиевски 2, Козлина 3, Манасков 3, Миркуловски 8, Маркоски, З. Мојсоски 1, Додер 1, Н. Мојсоски 6, Батиновиќ 1, Јоновски, Алушовски.
Хаслум: Товас, Шемсланд, Мотроен, Кристенсен 3, Тобијасен 1, Корен 1, Рое 3, Бартолд, Стромберг 2, Хауге 2, Халдорсен 1, Хакај, Моен, Клев 1, Јоханесен, Јилденбек 3.
|