11.09.2012, 12:46 Иванов со писмо до Обама по повод нападите на 11. септември
„Слободниот свет, одбивајќи да живее во страв од злото на денешницата, создаде единствен фронт во борбата против меѓународниот тероризам“, се вели во писмото на Претседателот
Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, по повод годишнината од нападите на 11 септември 2001 година, упати писмо до претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама.
- Одбележувајќи ја 11-годишнината од терористичките напади од 11 септември 2001 година кои ја потресоа Вашата голема нација, но и сите слободољубиви нации низ светот, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да ја изразам нашата тага и жал за големите човечки загуби кои ги претрпе Вашата земја и пријателскиот американски народ, истакнува Иванов во писмото.
Тој додава дека 11 години по терористичките напади, слободниот свет, одбивајќи да живее во страв од злото на денешницата, создаде единствен фронт во борбата против меѓународниот тероризам. - Врз благородната мисија за заштита на слободата, демократијата и човековите права, како споделени вредности, се темели и постојано унапредува стратешкото партнерство на Република Македонија со Соединетите Американски Држави, посочува македонскиот претседател.
Сеќавајќи се со тага на жртвите, на нивните блиски и на секое натажено семејство во Соединетите Американски Држави, Иванов нагласува дека Република Македонија, како верен и докажан пријател и партнер на САД ќе продолжи да ги поддржува американските напори за одбрана на слободата, демократијата и човековите права во светот.
|