10.09.2012, 12:01 Древната поделба во исламот ги распламтува конфликтите на Блискиот Исток
Се започна со повикот за слобода на Блискиот Исток, но арапските востанија се повеќе стануваат карактеристични по прастарите секташки конфликти помеѓу сунитиските и шиитските муслимани. „Шпигел“ истражува како борбата за власт меѓу овие две групи го зголемува новиот страв долж линијата на фронтот
Во земјите кои ја практикуваа мислиманската вера, границите меѓу минатото и сегашноста се често заматени, со што се создава впечатокот дека минатото не е завршено, а секако не е ниту простено. Всушност, минатото тука може да биде многу живо и да стане фатално опасно, повтоно и повторно, секој ден.
Кога претставници од целиот свет минатата недела дојдоа во главниот ирански град Техеран за почетокот на Самитот на неврзаните, годишниот собир на 120 земји кои се сметаат себеси за неврзани со било која голема светска сила, фокусот одеднаш се сврте кон 1.300 години старите борби, убиства и битки за власт. Домаќин беше иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџат, кој е шиит. Веднаш до него седеше новиот египетски претседател Мухамед Морси, сунит.
Морси го започна своето обраќање на отварањето со спомнување на Пророкот Мухамед, но потоа продолжи: „Нека Алах ги благослови нашите господари Абу Бакр, Умар, Атман и Али“.
Иранските медиуми веднаш изреагираа дека е оваа провокација. Абу Бакр, Умар и Атман беа наследници на Мухамед по смртта на пророкот во 632 г. Сунитските муслимани ги слават нив како првите калифи - но шиитските муслимани ги сметаат за узурпатори и предавници на верата, омразени ликови чии имиња не смеат да се спомнуваат.
Шиитите велат дека вистинскиот наследник на Мухамед бил Али, нивниот прв имам, кој подоцна се борел против другите тројца пред да биде убиен.
Морси продолжи да дискутира за сегашната ситуација во Сирија, каде се смета дека Башар Асад прави масакри врз бунтовницоте кои се мнозинство сунити. Асад и неговите луѓе припаѓаат на алавитското малцинство во земјата, кои се поблиски до шиитите. - Крвопролевањето нема да престане без интервенција од надвор, изјави египетскиот претседател, кој укажа и дека режимот на Асад го загубил сиот легитимитет. Сунитот Морси го кажа сево ова додека седеше до шиитот Ахмадинеџат, кој го снабдува сирискиот режим со оружје, а сега и со борци.
Морси мора да сфати дека секоја земја која ќе интервенира во Сирија ризикува да заврши во војна и со Иран. Границите на фронтот во конфликтот меѓу сунитите и шиитите минува преку многу зе��ји на Блискиот исток, и оние кои ги подржуваат огновите на едната страна во регионот може да се најдат под целосен оган од другата страна.
Прастариот конфликт
Од Тунис до Бахраин, Арапската пролет почна како бунт против деспотите и нивните поданички кланови. Се започна со повик за слобода, правда и просперитет. Но, овие бунтиовници се повеќе беа вшмукувани во вртлогот на прастариот конфликт помеѓу овие две различни групации на исламот, сунитите и шиитите.
По смртта на Мухамед, се` се вртеше околу борбата за власт, а тоа е влогот и денес. Како што тектонските плочи кои експлодираат од вриење по навидум долг период на мирување, под површината секогаш постои триење помеѓу овие две групи. Во минатото, овие тензии секогаш завршуваа со колежи, на пример, како во ирачката граѓанска војна, која започна во 2004 и се` уште не е целосно завршена. На крајот на јули годинава, во 27 одделни екслозии загинаа 107 луѓе за само неколку часа. Поголемиот број од жртвите беа шиити, а се претпоставува дека бомбашите биле сунити.
Но, ретко се случувало толку многу земји и режими одеднаш да искусат активни тензии. Тоа почна се почесто да се случува откако арапската пролет започна во северна Африка, во Јемен, Сирија и Бахраин, со истерување на безмилосните деспоти или предизвикувајќи кризи, па дури и отварање оган. Имаше потреси и во Јордан, Кувајт и во Саудиска Арабија. Во Ирак секој се плаши од секого, додека Иран се плаши од напад од Израел.
Востанијата започнаа на сличен начин - луѓето сакаа да ги истераат диктаторите и да стават крај на деспотското владеење. Но овие политички борби исто така распалија и нов страв долж старите фронтови.
Моментот на арапската пролет
Кога сунитите во Сирија се борат против алавитскиот режим во земјата, добиваат помош од сунитите во Саудиска Арабија и Катар. Истовремено, Иран го снабдува Дамаск со пари, оружје, и се повеќе со трупи.
Кога шиитите во Бахреин се дигнаа против сунитскиот крал во нивната земја, беа подржани од Иран и од режимот во Сирија. Во исто време, Саудиска Арабија го поддржа деспотот во Бахреин.
Со години, претставници на шиитското малцинство во Бахреин кои се третираа како второкласни граѓани, бараа повеќе права од кралот. Конфликтот вриеше веќе подолго време, но моментот на Арапската пролет беше тој што изнесе илјадници Бахреинци на улиците.
Кога Советот за соработка во заливот (Gulf Cooperation Council - ГЦЦ), конзорциумот кој е составен воглавно од богатите земји со нафта во Персискиот Залив, се состана во март 2011, тие објавија дека либискиот полковник Моамер Гадафи треба да си замине затоа што ја загубил сета легитимност со тоа што ги свртел тенковите против неговиот народ. Кратко потоа, членката на ГЦЦ Саудиска Арабија испрати тенкови во Бахреин, за таму да ги задуши мирните протести.
Молкот од Ал Џазира и Ал Арабија, двата најголеми сателистки телевизиски канали кои оперираат во сунитските држави Катар и Саудиска Арабија, исто така кажува многу. Во некои денови овие куќи емитуваа со часови вести за убиствата во Сирија, но многу малку покрија за насилствата во Бахреин.
Од друга страна, државните медиуми во Сирија, објавуваа за насилниот третман врз големата шиитска опозиција во Бахреин - дури и кога сирискиот режим тргна во целосно бомбардирање на цели населби во Сирија во кои воглавно живеат сунити.
Власта и верата
Војната која владата во Дамаск ја води против воглавно сунитските бунтовници во Сирија, се повеќе добива карактеристика на доминација, и тоа не само во земјата туку и во регионот. Битките привлекуваат и надворешни учесници кои припаѓаат на двата кампуси. Војници од либанската милитантна исламистичка организација Хезболах, кои се шиити, дојдоа да му помогнат на режимот, исто како и елитните единици од Иран, додека доброволци од Либија им се придружија на бунтовниците, кои исто така добиваат значајна финансиска помош и од Саудиска Арабија и Катар.
Во Ирак, пак, расте бројот на нападите од радикални сунити додека шиитските владините сили ги протеруваат сунитите надвор од позиците на власта. Сунитски терористички групи во Пакистан убиваат шиити, па дури и шиитска џамија во Белгија беше цел на напад во март годинава, при што беше убиен имамот на џамијата. Претпоставениот напаѓач, кој е радикален сунит, по неговото апсење изјави дека нападнал како освета за иранската воена помош во Сирија.
Шиитите претставуваат само 10 до 13 проценти од вкупно 1,4 милијарди муслимани во светот, но нивниот број во државите околу Персискиот Залив е значително поголем. Шиитите се околу 90 проценти од населението во Иран, 70 проценти во Бахреин, над 60 проценти во Ирак, 35 проценти во Кувајт, и околу 10 проценти во Саудиска Арабија.
Во исламскиот свет, каде власта и верата секогаш се испреплетени, политичките конфликти често стануваат и религиозни, и се претвораат во прашање за власта која црта една од најважните линии на фронтот во регионот.
Се започна со прашањето за власта. Кога Пророкот Мухамед починал, оставил зад себе проблем кој ќе стане негово религиозно проклетство: прашањето за наследник. За разлика од Исус, на пример, Мухамед не бил само пророк, туку и воен командант. Тој бил и верски и политички лидер, и зад себе оставил огромен вакуум во власта. Споровите наскоро пораснале околу тоа дали неговиот легитимен наследник треба да биде избран од кругот на блиски соработници на пророкот или дали е поважно тој да биде роднина на Мухамед - на пример, Али ибн Абу Талиб, неговиот роднина и зет. Подржувачите на овој став биле познати како „Шиат Али“, или „следбенци на Али“, што е извор на терминот „шиити“. Сепак, на почетокот другата фракција дошла до власт и Али не бил избран како калиф, а тројцата други - Абу Бакр, Умар и Атман - се истакнале пред него. Потоа Али бил убиен во 661 година.
Почетната борба за власт продолжила и повеќе од две децении подоцна, се додека не се случило нешто чудно: за време на битката кај Кербала, во денешен Ирак, непријателските сили го убиле синот на Али, Хусеин, а тоа значи и неговиот последен наследник. Борбата завршила и Шиат Али загубил.
И наместо да се изгуби во опскурноста како и толку многу други мали религиски движења, шиитите станале уште посилни. Падот на Хусеин станал „големот тресок кој создаде движење кое набрзо го проширил космосот на шитскиот ислам“, вели Хајнц Халм, експерт за шиитски ислам на Универзитетот на Тибинген, во Германија. - За шиитите, Кербала е почетната точка околу која се врти нивната религија. Со други зборови, тоа е религија која израснала од пораз и се дефинирала себеси како отпор.
Во рамките на исламот се воспоставиле двете конкуренстки идеи. Постојат сунити (именувани според суната, канонот за учењето на Мухамед), кој ги гледа власта и верата како едно. Во меѓувреме, шиитите имале мала власт во текот на вековите, и останале само на митската слава на херојот на нивната религија, Али.
Неприкосновеното доаѓање на имамите, наследниците на Али, продолжило и во следните два века. Според легендата, дванаесетиот имам исчезнал во 874, но не умрел. Се верува дека овој дванаесети имам еден ден ќе се врати, како спроведувач на вољата на Господ.
Вечната недоверба
Но, ако која било легитимна власт на земјата мора да чека дванаесетиот имам да се врати, што значи сето ова за вистинските светски сили? Ништо добро, затоа што излегува дека вистинската лојалност на шиитите веќе е некому посветена.
Резултатот од ова е вечното чувство на недоверба кај дел од сунитските владетели во однос на нивните шиитски субјекти. Улогите и тензиите меѓу двете групи воглавно остануваат истите: сунитските калифи владеат со шиитските субјекти, на кои често им се одбива учеството во војските или на врвните позиции, како што се судовите.
Потоа, во 16-иот век, династијата Сафавиди доаѓа на власт во Иран и ги присилува своите поданици да го прифатат шиитскиот ислам. Ова е почетокот на ривалството кое до денес се отсликува меѓу шиитскиот Иран и арапските земји, каде мнозинството население се сунити. По распадот на Отоманската Империја, религискиот центар на арапскиот свет се помести кон Арабискиот Полуостров, каде се лоцирани Мека и другите свети места, и каде во 1902 младиот Ибн Сауд ја презема власта врз религиозната алијанса која беше поставена од неговите прататковци за освојување на големи делови од полуостровот - област која стана Саудиска Арабија, со Ибн Сауд како крал.
Таму, посебно тесноумните вахабистички ограноци на сунитскиот ислам стануваат државна религија, а шиитите од окупираните источни територии се сметаат за еретици. Потоа дојде нафтата. Со откривање на секој нов извор, саудиското кралство растеше и стана еден од најголемите светски снабдувачи со енергија, а потоа почна и да издвојува огромни суми пари за финансирање на вахабитските свештеници низ целиот свет.
Но, огромните нафтени полиња на Саудиска Арабија се лоцирани на истокот од земјата - каде живеат шиитите. Ако шиитите сакаат да се отцепат од Саудиска Арабија, тоа ќе биде крај на нафтеното богатство на земјата. Едноставното давање еднакви права на шиитските граѓани ќе доведе до објава на војна против религиозниот естаблиштмент во земјата, како и против голем дел од севкупното население, кое беа одгледано со култура на омраза. Општото население во Саудиска Арабија е далеку поконзервативно од 88-годишниот монарх Абдула - а тој сепак не успеа да им обезбеди на жените право да возат автомобили.
Намалување на западното влијание
Истиот конфликт меѓу сунитите и шиитите владее и во Ирак. Во децениите под владеењето на железниот клан на диктаторот сунит Садам Хусеин, религијата во Ирак беше лична работа - не затоа што Ирачаните самите си одлучуваа што ќе бидат, туку затоа што секој приказ на партиска определба која е спротивна на државата беше нешто опасно. Дури и во осумте години војна со Иран, која започна во 1980 година, учесниците од двете страни пукаа кон другата страна на непријателот, со кого споделуваа иста вера. Мнозината од ирачките војници беа шиити - како и повеќето од нивните ирански противници.
Наскоро откако армијата на САД го збриша режимот на Садам во текот на 19-дневната војна во 2003, ирачките сунити почнаа да војуваат против Американците кои ги протераа од власта. И шиитите се бореа против американските трупи. Но, и повеќе од тоа, фанатиците од двете страни почнаа меѓу себе да се убиваат. Почнувајќи од 2004 гонина, само Багдад беше повеќе пати ракетиран на дневна база.
Карл Маркс ја опиша религијата како опијат за масите, но религијата исто така служи и како вид на кокаин за оние кои стремат да војуваат, првокласно средство за провоцирање групи да се борат едни против други. Ирак до денес останува поделена земја, со населби, локални влади, па дури и собирање на отпад поделен помеѓу означените граници. Во моментов власта е во рацете на шиитска влада предводена од премиерот Нури ал Малики. Во Ирак владее стравот дека тамошното сунитско малцинство може да се зајакне со претстојниот пад на сирискиот режим, и со тоа уште еднаш да и се закани на иранската влада.
Конфликтот меѓу овие религиски фракции стана толку инфективен, делумно затоа што претпоставените непријателски сили надвор од регионот стануваат се послаби. Западот, а посебно САД, повеќе не ја играат главната улоа. Окупацијата на Ирак заврши, САД би избрале да не се вмешуваат во сирискиот проблем, а арапските револуции воглавно ја фатија земјата неподготвена.
Кога ГЦЦ дозволи инвазија на Бахреин, за тоа дури и не ги прашаа САД, иако петтата флота на американската морнарица е стационирана таму. Саудиска Арабија беше далеку позагрижена од можноста дека шиитите ќе го преземат Бахреин, кој е лоциран толку блиску до шиитското малцинство во Саудиска Арабија, со што може да се загрози контролата на саудските владетели врз производството на нафта.
Опасно буновништво
Во однос на сунитското издигнување на власт во пресрет на падот на Асад, добро е да се отслика демографската ситуација во Сирија, која е дом на значајно повеќе сунити отколку алавити.
Нешто слично се случи во 2003 година, кога шиитското мнозинство ја презема власта во Ирак, истовремено кога Хезболах, кои се исто така шиити, победуваше во Либан. Во 2005 година, јорданскиот крал Абдула Втори, кој е сунит, предупреди од „надоаѓањето на шиитите“, што наскоро може да се прошири од Багдад до Техеран. Сега тркалото се врти, но во спротивна насока.
За време на револуцијата во Тунис, Либија и Египет, изгледаше дека поделбата меѓу сунитите и шиитите не игра зачајна улога. Но, работите во Сирија изгледаат поинакви, што е уште една причина зошто е ова посебно опасно бунтовништво.
Во исламот постои апокалиптично пророштво, што некои го поврзуваат со пророкот Мухамед. Тоа е само фрагмент, легенда за злото кое е познато како суфијанство, кое еден ден ќе дојде за да сее смрт и урнатитни меѓу верниците. Оваа традиција, која наводно му се припишува на Мухамед, вели дека Суфјани ќе излезе од длабочините на земјата под Дамаск. (Шпигел) |