10.09.2012, 15:12 Истрагата за Смилковци ќе се затвори во октомври
Истрагата за петкратното убиство во близина на скопското село Смилковци е пред финиш, но, како што стојат работите, таа најверојатно ќе биде комплетирана до крајот на следниот месец. Една од пречките поради кои истрагата долго беше во застој е неиспорачаното медицинско вештачење. Имено, како што се дознава, медицинското вештачење се' уште не е доставено од Институтот за судска медицина и криминалистика до судот, иако наредбата за неговата изработка беше дадена уште кон крајот на мај оваа година.
Малку по трагичниот настан Билјана Јаневска од Институтот за судска медицина потврди дека во момчињата било употребено оружје со голема пробивна моќ, а дека „причина за смртта кај секој од починатите е директна последица од оштетување на виталните органи“. Според стручното мислење, повредите биле нанесени со проектили со голема енергија.
Од скопскиот Кривичниот суд велат дека застојот во истрагата е само привид и дека за целиот изминат период, односно од крајот на април годинава кога кривичната истрага беше отворена, биле обработени голем број предложени докази. Оттаму не негираат дека јавноста нередовно била информирана за самиот тек на постапката, но велат дека така се постапувало од причина што се работи за истрага за тешки кривични дела и за крајно чувствителен предмет.
„Точно е дека истрагата за случајот е пред комплетирање. Кривичниот суд планира за брзо време и официјално да се произнесе за досегашниот тек од постапувањето“, велат од скопска „Единица“.
За бруталното масакрирање на тинејџерите Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацевски и на 45-годишниот Борче Стефановски, од скопското село Црешево, кое се случи на 12 април оваа година, прво беа осомничени пет лица. Во меѓувреме, едно лице за кое се веруваше дека е заштитен сведок доби статус на осомничен.
|