11.09.2012, 11:47 Одложена расправата за Законот за бранителите
Седницата на Комисијата за труд и социјална политика е одложена поради партиски обврски на пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, кој е на ред на листата говорници
Седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика, на која на дневен ред е Предлог-законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија, е одложена поради партиски обврски на пратеникот на ДУИ Талат Џафери, кој е на ред на листата говорници.
Претседателката на Комисијата Цветанка Иванова рече дека и денеска, како и вчера, ќе ја одложи седницата поради отсуство на пратеникот, но дека тоа повеќе нема да се повтори.
- Не може постојано да се одлага, треба да работиме сериозно. Сакам да си ја водам Комисијата како што бара Деловникот. Имаме 13 дискутанти и Комисијата може да работи, а на Џафери не му се ускратува правото повторно да земе збор кога ќе се врати на седница, рече Иванова.
На барање на ДУИ одложена е и седницата на Советот на собранискиот канал, на кој требаше да се разгледува состојбата со емитување на ТВ-сигналот на Собранискиот канал (проблеми со емитување на преводот на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните од Република Македонија).
Претседателот на Советот Јани Макрадули истакна дека темата е важна и ги засега сите пратенички групи во Собранието. - Не е коректно да работиме без сите пратенички групи, рече Макрадули. |