11.09.2012, 14:22 Информатор за крводарителни акции и на смартфоните
Крводарителите и оние кои сакаат да даруваат крв ќе можат да симнат апликација од веб страницата на Фондот за здравствено осигурување и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжeнерство ФИНКИ и на тој начин ќе се регистрираат во базата, преку смартфон ќе добиваат информации за секоја крводарителска акција во која ќе можат и да учествуваат, односно ќе станат дел од системот на крводарители.
Апликацијата може да работи на iOS платформата за „Ајфон“, Windows Phone и Android платформата.
Со оваа апликација крводаритекството ќе се доближи и до најмладите, а ако помогне барем еден човечки живот да биде спасен, како што рече деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов, ќе знаат дека системот успеал и е корисен за државата.
Директорот на Институтот за трансфузиологија, Ристо Дуковски посочи дека корисниците кои ќе бидат во базата ќе може да добиваат информации за секоја акција, за времето и местото на одржување, потребите за крв од одредени крвни групи. „На тој начин ќе бидат задоволувани и најитните побарувања кога ќе има недостиг од некоја крвна група“, додаде Дуковски. Според него во овој период Институтот располага со доволни количини крв, што се должи на секојдневно акции.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова слични вакви апликации најави и за изработка на неколку регистри за ранлива категорија пациенти за кои Факултетот се согласил ,исто како и за овој проект, да ги реализира без никаков надоместок. |