10.09.2012, 13:26 Расправата за законот за бранители одложена за попладне
Седницата на Комисијата за труд и социјална политика е одложена на барање на пратеничката група на ДУИ
Расправата за Предлог законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства на собраниската Комисија за труд и социјална политика е одложена за попладне, на барање на ДУИ, поради обврска на координаторот на нивната пратеничка група да присуствува на редовни координативни средби ка претседателот на Собранието, како и поради одржувањето на собраниската седница.
На расправата Талат Џафери требаше да ја продолжи својата дискусија која ја започна попладнето во средата. Со долгите дискусии пратениците на ДУИ во рамки на расправата на собрансиката Комисија за труд и социјална политика се обидуваат да ја одолговлечат постапката за донесување на законо, кој како што истакнаа е дискриминаторски, антиалбански и ги загрозува меѓуетничките односи и евроатланската иднина на Македонија.
Оттаму уште на почетокот на расправата минатата недела најавија дека ќе ги искористат сите административни, процедурални и технички средства што им стојат на располагање за да го спречат неговото донесување.
Законот до Собранието го достави пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и негова цел е регулирање на посебните и социјални права, кои согласно член 36 од Уставот им се загарантирани на припадниците кои учествуваа во одбраната на суверенитетот на Република Македонија.
Поддршка за законот даде и опозицискиот СДСМ, додека сите партиите на Албанците во Парламентот беа против.
Со Предлог законот опфатени се припадниците на воените и на полициските безбедносни сили кои учествувале во спречувањето на насилно уривање на демократските државни институции во периодот од 1 јануари 2000 до 31 декември 2001 година. Во случај кога се работи за загинати припадници на безбедносните сили, надомест ќе добијат членовите на нивното семејство.
Според законот, тие се ослободени од плаќање здравствени услуги во примарна здравствена заштита, а Владата и општините треба да вработат еден невработен член на семејството на загинат или починат припадник на безбедносните сили без јавен оглас во државните институции. Со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ се предвидува право на станбено згрижување преку станбен кредит во времетраење од 20 години, при што државата ќе покрие половина од одобрениот кредит и 50 проценти од висината на договорната камата. Ако земат стан под закуп, ќе плаќаат 50 п��оценти помала кирија од онаа што е утврдена со законот.
Покрај другите права, законот предвидува семејствата на загинатите припадници да добијат паричен надомест од 50 просечни плати остварени во месецот кога настапила смртта на припадникот, а воени инвалиди ќе добиваат надомест зависно од степенот на инвалидитет од 30 до 150 плати, како и работен стаж со двојно траење за време на конфликтот.
|