10.09.2012, 14:43 Црна Гора пред Македонија во ЕУ
Еврокомесарот Штефан Филе идниот понеделник ќе ја одржи втората рунда на висок дијалог со Македонија
Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј најави денеска дека Црна Гора по Хрватска ќе биде следна членка на Европската унија.
Претседателот на ЕУ нагласи дека брзото добивање на статус кандидат за членство и отварањето на преговорите за членство се доказ дека ЕУ е отворена за пристапување на Црна Гора и подготвена да ги цени индивидуалните достигнувања на секоја држава во постигнувањето на европските стандарди.
Изјавата на Ромпуј сепак беше релативизирана од Европската комисија.
- Не сакам да го коментирам тоа што го кажал претседателот на ЕС. Она што е дефинитивно е дека Хрватска идната година ќе стане 28 земја-членка на ЕУ. Точно е дека пред неколку недели почнавме преговори за членство и со Црна Гора, но има и неколку други земји-кандидати. Сите ќе напредуваат и ќе стануваат членки на Унијата според брзината, заслугите и напорите во исполнувањето на критериумите, потенцира портпаролот на Филе Петер Стано.
На дополнителното прашање, дали ХЛАД-от не значи ништо за Македонија да биде поблиску до членство во ЕУ, макар ги започнала преговорите за членство и подоцна од некои земји-кандидати, Стано одговори дека одлуките се преземаат според оценката за прогресот и исполнувањето на критериумите и порепораката на Комисијата и дека не се знае која од земјите што тропаат на портите на Унијата прва, по Хрватска, ќе стане членка.
- Македонија досега доби три позитивни препораки од ЕК во последните три години, што значи дека ги исполнува сите критериуми да започне преговори да стане дел од ЕУ. Сепак, препораките треба да бидат одобрени едногласно од страна на земјите-членки на Унијата. Па, кога ќе има такво нешто, тогаш и вашата земја ќе може да премине во втората фаза, потенцираше Стано, кој притоа, како и неговиот шеф минатата недела, во една прилика изговори Македонија, а не БЈРМ во врска со името на нашата држава.
Портпаролот на Филе за понеделник идната недела, ја најави третата рунда од Пристапниот дијалог на високо ниво, што меѓу ЕК и Владата на Македонија треба да се одржи во Скопје. Притоа, тој напомена дека овој дијалог дава резултати, дека има прогрес во исполнувањето на различните задачи и прашања на Комисијата од страна на нашата држава и дека македонската Влада работи на патоказот определен од ЕК.
- Би било несериозно да коментирам кога ќе заврши дијалогот, чија цел е да ја придвижи Македонија поблиску до исполнувањето на критериум��те за членство во ЕУ, додаде Стано.(Н.Р.)
|