09.09.2012, 17:17 Путин: Истрагата на ЕК за „Газпром“ е неконструктивна
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека антимонополската истрага против „Газпром“ на Европската комисија е неконструктивна и поврзана со проблемите во еврозоната.
- Европа сака да се стекне со политичко влијание и ние треба да ја платиме цената за тоа, наведе Путин по Форумот за економска соработка во Азиско-пацифичкиот регион (АПЕК).
Тој наведе дека Европската унија кога ги примила земји-членки ја презела „одговорноста да ги субвенционира нивните економии“, а сега „Европската комисија можеби одлучила дека ние треба да преземем дел од товарот на субвенциите“.
- Истрагата не ја гледам како трговска војна меѓу ЕУ и Русија, посочи Путин.
ЕК во вторникот соопшти дека покренува истрага дали „Газпром“ ја попречува конкуренцијата и дали става високи цени за источноевропските клиенти. Компанијата ги отфрли обвинувањата за нарушување на законите на ЕУ.
Истрагата на ЕК ги опфаќа доставите на „Газпром“ за Бугарија, за Естонија, за Литванија, за Летонија, за Полска, за Словенија, за Чешка и за Унгарија. |