10.09.2012, 16:58 Македонија може да остане без тутун
В среда ќе бидат објавени препораките кои ќе бидат погубни за тутунопроизводството во Македонија
Соња Маџовска
В среда се очекува да бидат објавени препораките на Светската здравствена организација, кои ќе бидат погубни за тутунопроизводството во Македонија.
Препораките ќе значат ограничување на финансиската и техничката поддршка за одгледување ориентален тутун, со нив се диктира дури и временски период кога може, а кога да не се сади тутун, а ќе се ограничат и површините каде што може да се одгледува.
Здружението на производители на тутунари при Стопанската комора на Македонија овие препораки за одгледување тутун, кои произлегуваат од Рамковната конвенција за контрола, ги оценуваат како контроверзни, алармираат дека со нив целосно ќе биде уништено производството на тутун во земјава, а над 150.000 луѓе ќе останат на улица.
Претседателот на здружението на тутунари, Кирил Филиповски, вели дека за ориенталниот тутун во земјава нема друга алтернатива.
„Македонија е земја со голем број производители на ориентален тутун. Нашите климатски услови се најидеални за одгледување ваков вид на тутун и не може да се изврши замена со некоја друга култура која ќе даде финансиски ефекти како што дава тутунот. Со секоја друга култура производителот ќе биде во загуба“, истакна вчера Филиповски.
Тој смета дека препораките се контрадикторни затоа што, од една страна, се препорачува намалување на производството на тутун и укинување на поддршката од владите за одгледувачите на тутун, а од друга страна, Спогодбата ја нагласува важноста од помагање на одгледувачите на тутун кои би биле засегнати од намалувањето на побарувачката на ту��ун.
Македонија ја потпишала Рамковната конвенција за контрола на тутунот на 30 јуни 2006 година и со тоа се обврзала да ги применува сите одлуки од неа. Досега 176 држави ја имаат потпишано оваа Конвенција.
Препораките ќе бидат објавени на 12 септември, но официјално ќе бидат усвоени на конференцијата за контрола на тутунот што ќе се одржи во ноември во Сеул, во организација на Светската здравствена организација, а со цел да се намали производството на ориентален тутун.
Претставници од земјава ќе присуствуваат на состанокот и ќе гласаат против донесувањето на овие препораки. А доколку и покрај противењето сепак препораките бидат усвоени, одредени земји веќе најавиле дека нема да ги почитуваат. Пакистан е една од нив.
Дали и Македонија нема да ја почитува одлуката, тутунарите и Министерството за земјоделство засега не откриваат. Тие се надеваат дека овие препораки, сепак, нема да бидат изгласани. Во спротивно земјава може да продолжи со производство на ориентален тутун, и да не ги почитува препораките, но излегува дека ќе нема кому да го продава тутунот.
Во земјава се одгледува ориентален тутун на површина од 19.000 хектари, а се произведуваат од 21 до 25 милиони килограми тутун годишно. Во 2011 година биле склучени 33.234 договори за производство на тутун, односно речиси 33.000 семејства, а во тутунското стопанство во постојан работен однос се околу 3.000 луѓе и 2.000 луѓе сезонски вработени. Тутунопроизводството е една од најприходните гранки. Се извезува суров тутун во вредност од 120 милиони долари, а 35 милиони долари е приливот од цигари. Извозот на тутун и преработки од тутун учествуваат од 22 до 29 проценти во вкупниот извоз од земјоделско-прехранбениот сектор, а во вкупниот извоз на земјава од 4 до 5 отсто. Приближно 30 отсто од државниот буџет се полни од работењето на тутунските компании присутни во државава, што значи дека тоа директно ќе влијае врз економијата, велат тутунарите. „Моментално не постои друга земјоделска култура што донесува приближен приход по хектар како тутунот, а исто така не постои никаква друга алтернатива за вработување на ова население во други индустриски капацитети“.
Инаку, на светско ниво, на производството на ориентален тутун отпаѓаат 3-4 отсто. Освен во земјава, овој вид на тутун се одгледува и во Бугарија, Србија, Грција, Турција. Претставници на тутунопроизводителите од овие земји
в петок во Скопје ќе расправаат за тоа што ќе преземат за да спречат донесување на препораките со кои фактички ќе се уништи производството на тутун на Балканот. |