15.09.2012, 11:42 О Нил: Меѓународната заедница да и каже „не“ на Грција
Дојде време меѓународната заедница како целина да каже дека 20-годишното одложување на прифаќањето на името Република Македонија, само врз основа на приговори од една држава, повеќе не е прифатливо, вели Робин О Нил поранешен медијатор во спорот меѓу Македонија и Грција во интервју за програмата Порта на Македонската телевизија.
- Мојот совет до македонската Влада е уште еднаш да го покрене ова прашање пред Обединетите нации, со тврдењето дека изминатите 20 години покажаа оти внатрешната стабилност на Грција, во никој случај не била нарушена или загрозена со постоењето на Македонија под ��ејзиното правилно име и дека и стабилноста на регионот, и меѓународното право повикуваат на признавање на Република Македонија според нејзиното правилно име од страна на Обединетите нации и сите и нејзините членови, смета О Нил.
Грција, вели тој, би имала случај доколку во рамките на грчката провинција Македонија постои група која сака да се соедини со Македонија. Во таков случај, би можело да се каже дека името на државата е провокативно. Меѓутоа, сите ние знаеме дека тоа не е случајот во северна Грција и затоа не постои никаков проблем.
- Владата на Република Македонија има два важни интереси во нејзините надворешни односи. Првиот е да се добие формално меѓународно признавање на нејзиното правно име, Република Македонија. Вториот е да се приклучи кон НАТО, за кого веќе прави голем неформален придонес, и Европската унија. Патот за остварување на вториот интерес е веќе отворен преку одредбите од членот 10.1 од Времената спогодба. Тоа значи, аплицирање со привременото име ПЈРМ. Меѓутоа, во Привремената спогодба, јасно е наведено дека ова е само привремно име на државата: суштинската цел на Спогодбата е да се постигне меѓународно признание на суштинското име на Mакедонија. На тој начин, ништо не е изгубено со аплицирањето во НАТО со привременото име ПЈРМ, додека преговорите за решавање на спорот со името продолжуваат, истакнува поранешниот медијатор.
Одредбите од Спогодбата, која е потпишана на 13 септември пред 17 години, според О Нил, дале подобри можности од претходно искажаните ставови на Грција дека во името на земјава не смее ниту да се спомене зборот Македонија, нешто за што Грција не сакала да прави компромис во периодот кога тој бил медијатор.
Владата на Грција, додава, се согласи на некои практични подобрувања во односите со Македонија, се согласи дека преговорите околу името на државата треба да продолжат, а исто така се согласи и да не приговара на влезот на Македонија во меѓународните организации како што е НАТО и Европската унија доколку доколку тоа е направено со привременото име Поранешна Југословенска Република Македонија, ПЈРМ. Сепак, вели, тие одредби често пати не биле почитувани од страна на Грција.
- Многу е разочарувачки тоа што седумнаесет години подоцна Грција се уште одбива сериозно да преговара во врска со прашањето за името, кое според меѓународното право е прашање кое ја засега само Македонија, и тоа што не ја почитуваше одредбата од член 10.1 од Времената спогодба дека нема да приговара на аплицирањето на Македонија во НАТО, ЕУ или други регионални организации, доколку го користи привременото име, ПЈРМ, истакнува О Нил.
Тој смета дека мислењето на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, дека Грција е должна да ја почитува одредбата од член 10.1 од Времената спогодба во принцип била од корист.
- Пресудата на Меѓународниот суд значи дека Грција повеќе нема никакво право да приговара на аплицирањето на Македонија во НАТО или ЕУ под името ПЈРМ. Сe до таа пресуда, Грција константно приговараше со цел да изврши притисок врз Македонија во врска со прашањето за името. Според мене, Владата на Република Македонија сега слободно може да аплицира за членство во овие организации под името ПЈРМ, и да им се приклучи на другите членови, врз основа на тоа што Грција со својот потпис на Времената спогодба се ограничува од приговори, вели Робин О Нил.
|