17.09.2012, 12:07 Наградата „Дијалог“ за млад истражувач доделена на Александра Велева
Во образложението на жирито, се вели дека книгата „Интеркултурната комуникација изразена во масовната култура“ опфаќа област што е малку истражувана во македонската научна средина
Наградата „Дијалог“ за 2012 година за книга од млад истражувач и е доделена на Александра Велева за книгата „Интеркултурната комуникација изразена во масовната култура“. Одлуката за ова признание ја донесе жирито во состав: Снежана Веновска-Антовска, претседател и Веле Смилевски и Јован Дамјановски, членови.
Добитничката на наградата, Александра Велева, магистрира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а моментно е ангажирана на високошколската институција „Евро-Балкан“ во Скопје. Во образложението на жирито, се вели дека книгата „Интеркултурната комуникација изразена во масовната култура“ опфаќа област што е малку истражувана во македонската научна средина.
„Младата и талентирана авторка Александра Велева успева во својата книга, на преку 300 страници, да ни го претстави феноменот на интеркултурноста што може да се реализира преку масовната култура и начинот на комуникации остварени низ јазичната интеракција меѓу припадници од различни култури. Во тоа е и пораката на ова дело: доколку подобро се запознаеме со различностите, толку полесно ќе може да се издвои она што е носечко како придобивка на модерните комуникации во светот“, се вели во образложението за доделување на наградата „Дијалог“.
|