19.09.2012, 18:01 Полна сала на „Манаки“ за „Скопје ремикс“
„Сметам дека треба да правиме идеи и визии кои се подобри од реалноста“ рече на вчерашната прес-конференција Борјан Зафировски
Анета Блажевска
Битола - Девет различни приказни кои уште поразлично го доживуваат и прикажуваат Скопје е концептот на омнибусот „Скопје ремикс“, кој завчера ја доживеа и својата битолска премиера на 33. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Во преполната мала сала (која има околу сто седишта) на Центарот за култура во Битола, публиката имаше можност да ги види деветте филмови за Скопје, потпишани од десет режисери.
Првиот филм е на Ѓорче Ставрески „Скопски љубовџии“, вториот е корежија на Бојан Трифуновски и Синиша Ефтимов со наслов „Брус Ли ис пуси“, потоа следува филмот на Срѓан Јаниќиевиќ „Поган паган“, потоа следува филмот на Јане Алтипармаков со наслов „Хепи ендингс“, петтиот е „Опера“ во режија на Даријан Пејовски. Следуваше „Свиркачот“ на Вардан Тозија, Огнен Ѓеоргиевски со „Фото финиш“, потоа филмот „Мангала диско панк“ на Саша Станишиќ и на крај филмот на Борјан Зафировски „Боите на љубовта“. Еден од авторите и продуцент на проектот, Борјан Зафировски, на прес-конференцијата во Битола рече дека филмот поминал низ неколку фази во обработката на темата, како естетски така и идејно.
„Првата идеја беше да направиме некој естетски продукциски испеглан филм, со што би добиле форма поблиска до играниот филм. Но, набргу сфативме дека можеби ќе создадеме продукциски почист филм, но ќе го убиеме авторството. А и самата убавина на еден ваков проект е во тоа што сите режисери размислуваат различно и различно го доживуваат Скопје“, рече Зафировски, додавајќи дека „Скопје ремикс“ не е филм за Скопје, туку за личното видување на градот на овие десет автори. И затоа одлучиле да си дадат слобода, секој режисер да го избере својот правец, од црно-бел филм, па се' до анимиран филм.
Еден до најголемите предизвици да се направи овој проект според Зафировски е да се изгради внатрешен ритам на сите овие девет приказни, за Скопје да наликува на долгометражен филм.
„Кога го гледавме филмот во континуитет сфативме дека често имаше ситуации кога два филма едно по друго се косат во поглед на нивните енергии и естетики, и автоматски двата филма губат. Затоа, идејата беше заеднички да направиме еден концепт и редослед каде што филмовите ќе се надополнуваат“, нагласи Зафировски.
Авторот на анимираниот филм, Јаниќиевиќ, смета дека „Скопје ремикс“ комплетно го отсликува духот на Скопје, иако за на филм работите се дотерани и нашминкани.
„Успеавме во филмот да го извлечеме тој дух на Скопје што сметаме дека го има. Можеби ова е и лично доживување“, рече Јаниќиевиќ. Зборувајќи за проектот, режисерот го опиша како псевдоисторија на рокенрол, како приказна за љубовта и за музиката.
„Филмот ’Поган паган‘ е модерна приказна за две деца од дом кои сакаат да си купат проститутка за да им биде мајка и е скоро реална приказна за која сум прочитал во весник. Се трудев сите делови од Скопје и локации каде што стојат проститутките да ги имам во филмот. Ми се допаѓа тој брутализам во архитектурата во тие делови на градот. Така излезе целата естетика на мојот филм“, рече режисерот Јаниќиевиќ.
Фасциниран од т.н. орвеловски прикази, кои се случуваат во некоја неодредена иднина, својот филм „Свиркачот“ го изгради и младиот режисер Вардан Тозија. Тој вели дека се обидел и успеал да примени една нова естетика со стриповски пристап, со светло и сенки.
„Добив идеја Скопје да го сместам во некоја постапокалиптична иднина. Што би било кога би било. Имам чувство дека тој скопски дух со време почна да деклинира, да се разобличува. И затоа сакав да направам една оптимистичка варијанта дека тој скопски дух не може да умре вистински. Туку ќе се појават тие „мали луѓе “ или маргиналци кои ќе го штитат. Едноставно, сакав да експериментирам“, рече Тозија.
Што се однесува до последниот филм од проектот„Скопје ремикс“ насловен „Боите на љубовта“ режисерот Зафировски вели дека така го изградил концептот за реалноста да не се повтори на големото платно. Тој смета дека не е придобивка реалноста, а уште повеќе суровата реалност да се гледа во кино.
„Сметам дека треба да правиме идеи и визии кои се подобри од реалноста. Не решаваме ниту еден проблем со тоа што ќе кажеме каква е реалноста, туку треба да исфантазираме и да кажеме како може да биде подобро. Тука е земена љубовта како фактор, бидејќи во денешно време секој може да си ја дозволи“, рече Зафировски.
Актерката Јана Стојановска, која е дел од филмот „Боите на љубовта“, вели дека прв пат се соочила со гледање на работите спротивно на она што се.
|