20.09.2012, 13:51 Европскиот првак пресилен за вардарки
Тимот на Кастратовиќ поразен дома од Будуќност со 26:21 во регионалната лига
Ракометарките на Вардар СЦБТ го претрпеа и својот втор пораз во дебитантскиот настап во регионалната лига ВРХЛ, овој пат на домашен терен од Будуќност со 26:21. Тимот на Индира Кастратовиќ беше достоен ривал до последните десетина минути од натпреварот, во кои гостинките од Подгорица покажаа зошто се европски шампионки и освојувачки на сите три досегашни изданија на лигата. За помалку од пет минути направија серија од четири гола, се одлепија на 22:17 и го решија прашањето на победникот.
Иако во ниту еден момент не му се заканија сериозно на големиот фаворит, „црвено-црните“ во текот на целиот меч беа достоен противник, не дозволувајќи му на составот на Драган Аџиќ да се размавне. За тоа беше најзаслужна Марија Штериова со шест гола, а кај победничката екипа се издвои македонската репрезентативка Елена Ѓорѓиевска со пет погодока. Сепак, играч на натпреварот беше младата црногорска репрезентативка Марина Вукчевиќ, која за 32 минути на голот одбрани 12 удари и мечот го заврши со 52 проценти успешни интервенции.
За Будуќност ова беше трета победа во четвртиот меч сезонава во ВРХЛ, а македонскиот вицешампион првенецот ќе го бара в сабота против првакот Металург во Автокоманда. (Р.Д.)
Вардар СЦБТ - Будуќност 21:26
Полувреме: 12:14. Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Николиќ и Стојковиќ од Србија. Седмерци: Вардар 3/4, Будуќност4/5. Исклучувања: Вардар 10 мин., Будуќност 8 мин.
Вардар СЦБТ: Суслина (6 одбрани), Саидова, Костјукова, Саздовски, Љубљанаја, Стојковска 2, Штериова 6 (3), Светлова, Маневска, Кирии, Дмитровиќ 3, Жулкина 2, Виноградова 2, Кликовац 2, Лојпур 4. Тренер: Индира Кастратовиќ.
Будуќност: Волтеринг (6 одбрани), Вукчевиќ (12 одбрани), Трифуновиќ, Менди 2, Живковиќ 3, Булатовиќ, Николиќ, Ѓорѓиевска 5 (3), Јежиќ 3, Мехмедовиќ 4, Павичевиќ, Кнежевиќ 4, Лазовиќ 1. Тренер: Драган Аџиќ.
|