20.09.2012, 14:03 Со скандалозно смелата „Пред ваши очи“, вечерва почнува МОТ
Во претставата, која ги превртува идеите за мудроста на староста, играат деца од 8 до 14-годишна возраст
Во концертната сала на Младинскиот културен центар, со британско-германската претстава „Пред ваши очи“, почнува 37. издание на театарскиот фестивал „Млад отворен театар“. До 26 септември, до крајот на фестивалот, на неколку скопски локации под мотото „Нешто е гнило“, ќе бидат изведени девет претстави. Како што директорот на МКЦ, Златко Стефковски, рече на прес-конференција, годинава на МОТ нема да има само смотра на театри, нема да има само ревија на театарски претстави, туку ќе има се' што го чини и сочинува еден сериозен фестивал, токму онаков каков што е, да не звучи претенциозно, Единбург или Берлинскиот театарски фестивал.
Вечерашната претстава „Пред ваши очи“ на продукциите „Гоб сквод“ и КАМПО е опишана како скандалозно смела. Ова е претстава во која играат седум деца од 8 до 14-годишна возраст, но таа ни малку не е за деца. Прв пат во седумнаесетгодишната историја, „Гоб сквод“ не се појавуваат самите на сцена, туку режираат група деца. Додека публиката ги набљудува како инсекти во тегла за мармалад, сместени во „сигурна соба“ направена од еднонасочни огледала, децата на сцена ѕиркаат во својата иднина на возрасни луѓе и носталгично се навраќаат во блиското минато. Додека ние се обидуваме да го запреме процесот на стареење и да ја зачуваме младоста колку што е можно подолго, тие се подготвуваат да го остават детството засекогаш зад себе. Преку комплексна интеракција меѓу жива изведба и снимен материјал, „Гоб сквод“ ги превртува идеите за мудроста на староста и невиноста на младоста на теме.
Ставена во хамлетовска позиција, публиката ќе може да ги одмотува димензиите до крајот на МОТ и со војната на териториите, на нациите, на емоциите во „Граница“, границите на човековата издржливост во светот на жестокоста, во политичкиот театар на „Војцек“, забранетата љубов во „Змејовата невеста“, неслободата на говорот или целосната ерозија на моралот во ангажираната „Питачка опера“, копнеењето по вистина или по промена во „Конфузија“, трагичното лице на историјата, една единствена, на луѓе кои се родиле во една држава, а живеат во три, во исповедната „Хипермнезија“, продажбата на душата на глобално и индивидуално ниво во претставата за политиката и театарот „Мефисто“, копнежите и бегството во светот на осаменоста во „Недопирливите“... (Т.И.) |