20.09.2012, 17:06 Кризата продава државен имот во Грција
Се распродава дел од имотот и на МНР во земјата и надвор од неа за исплаќање на грчкиот долг
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Затегањето на грчкиот економски ремен ќе ги зафати и дел од зградите на грчкото Министерство за надворешни. По најавите за издавање ненаселени острови, грчката влада продолжува и со процената на државниот имот и финализирање на листата за продавање државен имот и згради кои не се користат. Како што најави грчкиот министер за надворешни, Димитрис Аврамопулос, грчкото Министерство за надворешни ќе стави на продажба и згради на Министерството низ светот кои не се во употреба. Грчкиот печат шпекулира дека се работи за згради во Лондон, Белград, Љубљана, Никозија и во Брисел како дел од планот Министерството да ги намали трошоците и да помогне за зајакнување на државниот буџет. Она што е познато како што потенцираше и самиот министер е дека ова се згради на дипломатската служба кои не се користат, а не амбасади кои се се' уште во функција.
Додека се објави официјалната листа, во печатот се шпекулира дека се работи за продажба на конзулската резиденција во Лондон, која, наводно, се наоѓа во вториот најскап дел на Лондон, осумкатна зграда од 2.850 квадратни метри во Брисел, зграда во барокен стил на површина од 2.376 квадратни метри во Белград, зграда во Љубљана и имот од 8.000 квадратни метри во Никозија на Кипар. Весникот „Гардијан“ забележува дека резиденцијата во Лондон, според населбата во која се наоѓа, би можела да биде продадена за околу 12 милиони фунти, посочувајќи дека резиденција во близина на грчката лани била ставена за продажба со почетна цена 17 милиони фунти.
Покрај овие згради, весникот „Етнос“ посочува дека на листата на згради за продажба ќе се најдат уште 3.152 згради и имоти што и' припаѓаат на државата и не се користат, од вкупно досега проценети над 80.000 згради. Во следниот период ќе се продолжат процедурите на процена на имотот со цел и да се донесат повеќе средства во државниот буџет, но и да се намалат државните трошоци за одржување овие имоти. Меѓу недвижностите за кои ќе се бара нов приватен сопственик се наведува и еден од имотите на грчкото кралско семејство, имотот Татои. Овој имот, наводно, ќе се продава или издава на долг период со лизинг. Имотот бил летна резиденција на кралското семејство, кое го купило во 1870-тите години. Се зборува дека има четириесетина згради, штали за коњи, базен, како и гробишта на кралското семејство.
Продавањето на државните згради е дел од планот за приватизација на државниот имот со кој се очекуваше до 2015 година Грција да собере околу 19 милијарди евра за исплаќање дел од долгот.
|